
ВИДЕО | Синер обезбеди финале на САД опен за нов спектакл со Алкараз
Јаник Синер се пласираше во финалето на Отвореното првенство на САД откако го победи Канаѓанецот Феликс Оже Алијасим со 6-1, 3-6, 6-3, 6-4 во полуфиналниот меч.
Препорачано
Италијанскиот тенисер ќе се соочи со Карлос Алкараз од Шпанија во недела од 20.00 часот по македонско време во обид да го одбрани тронот на последниот грен слем во сезоната.
Синер доминираше во првиот сет, играше агресивно и веднаш направи брејк, поведе со 3-0 и лесно го освои сетот со 6-1.
Во вториот сет Алијасим играше подобро, а во осмиот гем конечно ја искористи втората од трите брејк-топки и поведе со 5-3. Сервираше за 6-3 и го израмни резултатот на 1-1 во сетови.
За време на паузата помеѓу вториот и третиот сет, Синер побара медицински тајм-аут, но не беше јасно во што е проблемот. Кога се врати на теренот, не покажуваше знаци на повреда. Тој веднаш ја презеде контролата, направи брејк во шестиот гем и играше самоуверено за да го доведе сетот до крај во своја корист – 6:3.
Канаѓанецот имаше пет брејк топки во четвртиот сет, но не успеа да искористи ниту една од нив. Казната дојде во петтиот гем – Синер ја реализираше својата прва шанса и поведе со 3:2. Рутински го задржа водството до крајот и славеше со победа од 6:4, обезбедувајќи пласман во големото финале.
Финалето ќе донесе нов спектакл – Синер против Алкараз. Тоа ќе биде уште еден епски дуел меѓу нив за титулата на САД опен.