
ВИДЕО | Растение испушта ужасна смрдеа кога цвета, но илјадници луѓе чекаа ред да го гледаат
Загрозено тропско растение кое испушта смрдеа на гнило месо за време на неговото ретко цветање, почна да цвета во стаклена градина во Сиднеј.
Препорачано
Растението привлече стотици посетители во стаклената градина во Сиднеј, каде што чекаа во редици три часа за да го видат моментот кога тоа цвета, пишува „Еј-би-си“.
Растението познато како „цвет на труп“, чие научно име е Amorphophallus titanum, потекнува од тропската шума Суматра. Во Сиднеј му го дадоа името „путриција“(putricia), кое е составено од зборот „путрид“ (putrid) што значи „гнило“.
Путриција е поставена во Кралската ботаничка градина во Сиднеј во последните неколку недели и ова е првпат во последните 15 години растение од овој тип да процвета во градината.
„Цветот на труп“ цвета многу ретко, само еднаш на секои седум до 10 години во природа. Се смета дека во светот има помалку од 1.000 растенија од овој тип.
Путриција пристигнала во ботаничката градина пред седум години, а нејзиниот цвет почнал да се развива во декември, кога бил долг само 25 сантиметри. До четврток, растението достигна 1,6 метри во височина и неговиот цветен врв почна да се отвора, откривајќи темноцрвен центар.
Вработените во ботаничката градина поставија заштитни огради додека посетителите одеа по црвениот тепих до просторот за гледање на цветот. Кога цветот конечно ќе процвета, температурата на растението ќе се искачи на 37 степени Целзиусови за што е можно поефикасно да го шири својот непријатен мирис, привлекувајќи муви и скакулци кои ќе влезат во неговиот цвет и ќе снесат јајца.
Откако цветот ќе процвета, тимот на ботаничката градина ќе започне со рачно опрашување за да се обезбеди истрајност на тој вид цвет.