ВИДЕО: Протести и тепачки во Софија во одбрана на Споменикот на советската армија којшто од центарот се сели во музеј

Граѓани протестираа во одбрана на споменикот на советската Црвена Армија/Фото: Слободен печат

Денеска во Софија официјално започна демонтирањето на Споменикот на советската армија, познат и како МОЧА (Споменик на окупаторската Црвена армија). Скелињата околу споменикот ќе бидат завршени, по што ќе започне демонтирањето на највисоките фигури, изјави за новинарите во вторникот наутро регионалниот гувернер на Софија, Вјара Тодева.

Во бугарската јавноста подолго време се водеа полемики дали да се отстрани овој споменик, па кога пристигна градежната механизација да го домонтира споменикот, група демонстранти се обидоа да ја спречат акцијата.

Група од околу 60-70 проруски ориентирани граѓани го блокираа Орлов мост и го запреа сообраќајот на бул.Цариградско Шосе.

Социјалистите во првите редови на одбрана, има и повредени пратеници на БСП

-На сцената се појавија Маја Манолова, општинскиот советник од црвената група Вања Григорова и првиот човек на градската организација на БСП Иван Таков. Претходно околу споменикот имаше и претставници на крајнодесничарската партија на Костадинов „Преродба“, јавија бугарските медиуми.

Просторот околу споменикот го обезбедуваат десетици полицајци. Акцијата предизвика реакција и кај други политичари. Имено лидерката на БСП Корнелија Нинова драматично објави дека има пратеници од нејзината партија кои биле претепани. Меѓу споменатите беше и Георги Свиленски. Според неговиот сопартиец Борислав Гуцанов, вработен во подрачната администрација турнал дел од барикадите, додека Свиленски се обидел да помине зад нив и на тој начин му била исечена раката.

„Утрото, пред околу два часа, застанавме зад оградите, сакавме да влеземе, кога претставник на регионалната администрација почна да го турка господинот Свиленски и му ја фати раката меѓу овие огради“, рече Гуцанов, цитиран од БНТ.

Полицијата го обезбедува местото кај споменикот во Софија/Фото: Слободен печат

„Во моментов пратениците ги тепаат пред Споменикот на советската армија, моите пратеници се во болница во моментов со скрстени раце и размислуваме за единството на нацијата и за тоа каква иднина цртаме за Бугарија. Сигурно секој од вас има свој став за Споменикот на советската армија, тој е наш и секој споменик е дел од историјата на Бугарија “, рече Корнелија Нинова.

Од болницата „Царица Јоана“ за медиумите изјавија дека раната на Свиленски е обработена и тој е пуштен дома.

Споменикот ќе оди во музеј

Софиските власти предвидоа демонтираните фигури да бидат сортирании, опишани и транспортирани до местото каде што ќе се складираат.

-Планираме јавна набавка за самата реставрација и од таму фигурите ќе бидат изложени во Музејот на социјалистичка уметност. Разгледуваме и нов терен, кој во во моментов се испитува, рече Тодева.

Минатата недела регионалната администрација на Софија соопшти дека Споменикот на Советската армија е во состојба опасна за граѓаните и итно е потребна реставрација. Затоа, скулптурите мора да се демонтираат и преместат.

Полицијата го обезбедува местото кај споменикот во Софија/Фото: Слободен печат

Тодева во вторникот нагласи дека споменикот не е реставриран 70 години и во во моментов има сериозни пукнатини на фигурите.

Скулпторот Марин Марков за бугарските медиуми истакна дека на фигурите има сериозни пукнатини, кои на места се до 4-5 см.

„Главната причина за расцепувањето на нозете на војникот е тоа што своевремено кога се поставуваше споменикот истураа бетон во нозете. Со време водата навлегува, во зима се замрзнува и мразот ги проширува засеците“, додаде тој.

Бојко Борисов за демонтирањето разбрал од медиумите

Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, ден3еска излезе со поинаков став од претходно изнесениот на оваа тема. Тој за бугарските медиуми изјави дека од нив разбрал дека почнало демонтирањето и дека не го одобрува.

Пред само неколку месеци, во февруари, Борисов беше категоричен дека споменикот треба да се отстрани. Потоа им нареди на општински советници од ГЕРБ во Софија да ја активира процедурата. На почетокот на годината негов аргумент беше руската агресија во Украина.

Експресна реакција на Кремљ: Бугарија оди кон нацизам

Бугарија одамна, без да забележи, тргна кон рехабилитација на нацизмот, са се наведува во официјалното соопштение на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, по повод уривањето на Споменикот на советската армија.

„Денес, властите на Софија се префрлија на практично спроведување на одамна подготвените срамни планови за демонтирање на Споменикот на советската армија“, вели Марија Захарова.

„Величествениот скулпторски состав, поставен како знак на победата над нацизмот, одамна стана заложник на локалните политички игри и личните амбиции на поединечни претставници на владејачката елита. Со лесната рака на фашистичките евроатлантисти, споменикот буквално е испратен на буништето на историјата. Варварските постапки на бугарската страна немаат никакво оправдување и простување. Тие изгледаат особено цинични во услови на галопирачки раст на неонацистичките чувства во самата Европа, понижувачката ситуација во однос на човековите права и монструозното фалсификување на историјата, реагира Захарова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот