ВИДЕО | Прослави на улиците во Габон, пучистите именуваа нов привремен лидер на земјата

Габон прослава / Фото EPA-EFE/STR

Армиските офицери кои ја презеле власта со државен удар во Габон, го именувале генералот Брис Олигуи Нгуема за преоден лидер на земјата. Генералот Нгуема претходно триумфално бил пренесен низ улиците на главниот град Либревил од неговите војници.

Сменетиот претседател Али Бонго се појавил на видео во неговиот дом, повикувајќи ги своите „пријатели ширум светот“ да „кренат врева“ во негово име.

Поранешната француска колонија е еден од најголемите африкански производители на нафта. Соборувањето на Бонго стави крај на 55-годишното задржување на неговото семејство на власт во централноафриканската држава.

Армиските офицери се појавиле на јавната телевизија во раните утрински часови во средата за да кажат дека ја презеле власта. Тие рекле дека ги поништиле резултатите од саботните избори на кои Бонго бил прогласен за победник, но за кои опозицијата рекла дека биле измамнички. Полицајците исто така рекоа дека уапсиле еден од синовите на Бонго за предавство.

За неколку часа, генералите се состанале за да разговараат за тоа кој ќе ја води транзицијата и со едногласно гласање се согласиле да го назначат генерал Нгуема, поранешен шеф на претседателската гарда. Генералот Нгуема изјави за францускиот весник „Ле Монд“ дека на жителите на Габон им е доста од владеењето на Али Бонго и дека тој не требало да се кандидира за трет мандат.

„Сите зборуваат за ова, но никој не презема одговорност“, рече тој. „Така армијата реши да ја сврти страницата“, вели тој.

Толпата во Либревил и на други места ја прославил декларацијата на армијата.

Но, пучот го осудија ОН, Африканската унија и Франција, кои имаат блиски врски со семејството Бонго.

Американскиот Стејт департмент ја повика војската на Габон да го „зачува цивилното владеење“ и ги повика „одговорните да ги ослободат и обезбедат безбедноста на членовите на владата“. Велика Британија го осуди „неуставното воено преземање“ на власта.

Долго време владеелo незадоволство кон семејството Бонго – кои владееле со Габон речиси 56 години – и имало јавно незадоволство поради пошироките прашања како што се трошоците за живот.

„На почетокот бев исплашен, но потоа почувствував радост“, изјави за Би-Би-Си жител на Либревил, кој побарал анонимност. „Бев исплашен поради сознанието дека живеам преку државен удар, но радоста е затоа што толку долго чекавме да се урне овој режим.

Генералот Нгуема (48) отсуствувал од првите три изјави прочитани од високите армиски офицери на националната телевизија за објавување на државниот удар. Но, набргу потоа бил именуван за преоден лидер и бил носен низ улиците во радосни сцени. Тој бил помошник на таткото на соборениот лидер, Омар Бонго, кој владеел речиси 42 години до неговата смрт во 2009 година. Поранешен близок колега изјавил за новинската агенција АФП дека генералот Нгуема бил исклучително близок со Омар Бонго, служејќи му од 2005 година до неговата смрт во шпанска болница.

За време на Али Бонго, тој најпрвин работел како воен аташе во амбасадите на Габон во Мароко и Сенегал. Но, во 2018 година тој бил назначен за шеф на разузнавањето под елитната републиканска гарда – најмоќната армиска единица во Габон – заменувајќи го полубратот на Али Бонго, Фредерик Бонго, пред да биде унапреден во генерал.

Како и на претходните општи избори во Габон, во саботата имало сериозна загриженост за процесот.

Главниот опозициски кандидат Алберт Ондо Оса се пожали дека на многу избирачки места им недостасуваат гласачки ливчиња со неговото име, додека коалицијата што тој ја претставуваше рече дека имињата на некои од оние кои се повлекле од претседателската трка сè уште се наоѓаат на гласачкото ливче.

Алберт Ондо Оса / Фото: Steeve JORDAN / AFP / Profimedia

Двете претходни победи на Бонго биле оспорени како измамнички од противниците. Овој пат, биле направени контроверзни промени во гласачките листови само неколку недели пред денот на изборите. Во 2018 година, тој доживеал мозочен удар кој го остави настрана речиси една година и довело до повици да се повлече.

Следната година, во неуспешниот обид за државен удар, војниците побунети биле испратени во затвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот