Перална во Клинички центар, фото Драган Митрески „Слободен печат“
Перална во Клинички центар, фото Драган Митрески „Слободен печат“

ВИДЕО | Пералницата – „темпирана бомба“ од бактерии и зараза на Клинички центар „Мајка Тереза“ и упориште на изневерени работници

Хоророт што со години го живеат вработените во пералницата при Клинички центар „Мајка Тереза“ Скопје, коишто се грижат сите клиники да добијат чисти чаршафи за болните и хирурзите да добијат облека за операциите – ја достигна својата кулминација. Од вчера тие се во генерален штрајк. Плати не им се исплатени затоа што Владата не го има реализирано договорот за јавно-приватно партнерство за стерилизација на инструменти, во чиј склоп е и пералницата, но повеќе не ги интересира кој е виновен за состојбата во која се наоѓаат. Додека министерот за здравство со премиерот и цел државен врв предизборно отвораат реновирани болнички одделенија, сите овие одделенија во Клиничкиот центар со постелнина ги опслужуваат 11 вработени во урнисаната и срамна пералница која денеска ја посетивме.

Купови чаршафи во пералната на Клинички центар „Мајка Тереза“ / Фото „Слободен печат“ - Драган Митрески
Купови чаршафи во пералницата на Клинички центар „Мајка Тереза“ / Фото „Слободен печат“ – Драган Митрески

„Слободен печат“ денеска беше во пералницата и затекна упориште на зараза, стари машини за перење, мувла, небезбедни инсталации, вода која протекува. Разговаравме со речиси сите вработени и тие се сложни – нема да работат без плата и нема како што велат, повеќе никој да ја искористува нивната добрина и жал за пациентите и да ги манипулира.

Состојбата на машините, фото „Слободен печат“ - Драган Митрески
Состојбата на машините, фото „Слободен печат“ – Драган Митрески

Тие ни рекоа дека почнале да штрајкуваат пред пожарот во Кочани, но кога се случи трагедијата од жал и солидарност го прекинале штрајкот. Еден од нив скршил прст обидувајќи се да поправи дотрајан каиш на машината за перење која датира од Втората светска војна. Друг работник ни кажа дека трипати преживеал струен удар поради небезбедните инсталации.  Сите ни се жалеа дека се болни, со хронични заболувања, а покрај тоа што не примаат плата, немаат ни здравствено осигурување, па лековите за дијабетес, висок крвен притисок, астма и сите болести што ги добиле поради работење на пареа и влага, сега си ги плаќаат приватно.

Неиспрани чаршафи перална Клинички центар „Мајка Тереза“ - Фото „Слободен печат“ - Драган Митрески
Неиспрани чаршафи во пералницата на Клинички центар „Мајка Тереза“ – Фото „Слободен печат“ – Драган Митрески

Со екипата на „Слободен печат“ работниците разговараа и рекоа дека не им е грижа кој е виновен што немаат плата од февруари, дали е тоа фирмата што управува со пералницата или  пак се тоа Заеднички служби при Клиничкиот центар. Ним тоа им е сеедно, затоа што пари на нивните сметки нема. Сите 11 вработени од вчера стапија во генерален штрајк. А тоа значи дека целиот Клинички центар „Мајка Тереза“ заедно со пропратните клиники нема да добива чиста постелнина за пациентите, ниту пак зелени одела за хирурзите. Темпираната бомба од зараза и бактерии на таков начин е подготвена да експлодира, исто како што попуштило трпението и на работниците.

Купиштата постелнини, кога влеговме во пералницата, беа наталожени, но дел од вработените ни кажаа дека веќе ги информирале клиниките дека не примаат ниту облека ниту чаршафи, па не им ги носат. Утринава само за хируршките клиники од солидарност испратиле една количка со чаршафи за да може да се изведат операциите. Но велат дека од утре нема да го прават тоа.

-Машините се неисправни. Вработените почнаа да се повредуваат. Поправајќи машина еден колега скрши прст. Капакот од сушалниците нè удира по глава, а немаме здравствено осигурување. Ни пензиско, ни здравствено, ни плата. Во јануари ни беше последната плата. Ќе ме прашаш како издржавте?

Издржавме затоа што Скопстер има проект кој треба да почне да работи со стерилизација на инструменти. И ние сметавме дека кога ќе има пари од тој проект ќе ни се плаќаат и нас платите. Ама бидејќи е блокирана стерилизацијата, нема плати. Заеднички служби кога даваат пари, кога не даваат и ние сме заборавени. Моравме вака да направиме.

Моравме да почнеме штрајк, за да го решат овој проблем еднаш засекогаш и долгорочно. Не се издржува ова. Нека дадат пари, па ќе работиме, вредни сме. Ако ние имаме договор дека работиме овде, нам ништо не ни тече, ни плата ни пензиско, всушност работиме на црно – ни рече еден од работниците.

Перална на клинички центар - Слободен печат, Драган Митрески
Пералницата на клинички центар – Слободен печат, Драган Митрески

Пералницата на Клинички центар „Мајка Тереза“ е во срамна и руинирана состојба. Таа ги опслужува интерните клиники, хируршките клиники, операциите, буквално целиот Клинички центар.

-Еден ден, два, можеби ќе издржат да вршат операции без нас. Но подолго нема. Министерот треба ова да го реши, Заеднички служби ова да го решат. Ние сме како заборавени овде. Не сме многу, 11 души сме. Никој не се грижи за нас. Скопстер не може да ни даде плати зашто нема од каде. Имаме трошоци овде, за прашак, за каиши кои ги купуваме за ден-два и чинат 1.000 денари. Имаме трошоци за нафта за да го наполниме пикапот за да се разнесе облеката. Ги сакаме сите плати и да имаме здравствено осигурување, сакаме трајно решение за нас – ни рече друга вработена.

Инсталација, Фото „Слободен печат“ Драган Митрески
Инсталација, Фото „Слободен печат“ Драган Митрески

Од фирмата „Скопстер“ за „Слободен печат“ велат дека пералницата во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје во иднина треба да е дел од јавно-приватното партнерство за ингрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, односно да прерасне во втор центар за стерилизација. Во меѓувреме „Скопстер“ управува со пералницата од јануари 2024 година врз основа на владина одлука, ама не можат да почнат да реновираат зашто ни Владата ни Министерството за здравство не го почнуваат проектот за стерилизација, иако „Скопстер“ има проект за реновирање на пералницата. Дополнително, се жалат дека Заеднички служби не им исплаќаат навремено и им должат 175 илјади евра за кои им испратиле фактури.

Фото Драган Митрески Слободен печат
Машини од Втората светска војна го опслужуваат цел Клинички центар „Мајка Тереза“, фото Драган Митрески Слободен печат

-Конкретно, преземавме обврска да ја менаџираме пералницата во затекнатата состојба, како што е повеќе од 50 години (со застарена опрема) и со сите вработени за што, за редовното функционирање Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) треба да ни плаќа надомест ‐ нешто што се реализира со голем застој и доцнење.  Во врска со тековниот проблем со исплата на заостанатите плати во пералницата при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ сакаме да информираме дека сме во постојана комуникација со Министерството за здравство, како корисник на оваа услуга. И взаемно бараме решение ‐ како да не дојде до застој во работата на пералницата. Имено, како оператори со пералницата, покрај третманот на плати, реализираме и низа техничко‐оперативни активности (набавка на репро‐материјали, одржување за непречено работење и менаџирање), кои исто така се значителен трошок. Во таа смисла бараме од СОЗР редовно и во целост да ги реализира обврските кон нас, како би можеле и ние, следствено, да ги реализираме нашите обврски кон вработените и сите добавувачи, изјавија за „Слободен печат“ од „Скопстер“. 

Фото Слободен печат Драган Митрески
Се таложат неиспрани чаршафи од цел Клинички центар Фото Слободен печат Драган Митрески

Оттаму велат дека имаат целосно разбирање за финансиските проблеми на СОЗР, но финансиската дисциплина во општество со пазарна економија треба и мора да се почитува.

-Во спротивно, ние како приватна компанија се соочуваме со предизвик и понатаму да бараме средства од други извори за финансирање, што значи дополнителен, финансиски трошок. До овој момент, СОЗР по основ на уредно издадени фактури ни должи 10.802.752 денари или нешто повеќе од 175.000 евра, конкретно фактури за целосно извршени услуги за 6 месеци: 12.2024; 01.2025; 02.2025; 03.2025; 06.2025 и 07.2025, додавааат од „Скопстер“.

Фото Драган Митрески Слободен печат
Халата во која се наоѓа пералницата на Клинички центар, Фото Драган Митрески Слободен печат

Директорот на Службата за општи и заеднички работи Башким Бакиу вчера изјави дека ќе побара Трудова инспекција да влезе во пералницата и за „Слободен печат“ рече дека досега кон „Скопстер“ исплатил доволно пари за да се исплатат плати за две години. Тој ни испрати и фотографија од договорот што Заеднички служби го има со „Скопстер“ според кој „втородоговорната страна е должна да обезбеди континуирано вршење на услугите и во услови на елементарни непогоди, во вонредни услови и во услови на штрајк на работниците вработени при истиот“.

Договор меѓу Заеднички служби и Скопстер
Договор меѓу Заеднички служби и Скопстер

Вработените во пералницата кои ги посетивме денеска испратија порака до Министерството за здравство и до Владата – под итно да најдат решение со кое нивните работнички права нема да бидат повеќе паричка за поткусурување. Рекоа дека штрајкот нема да го прекинат, а ако добијат отказ тогаш на виделина ќе изнесат сè што преживеале изминатите 20 години на истото работно место каде што се менувале управители, а нивните права останале заборавени.

Фото Слободен печат Драган Митрески
`Рѓа и дотрајаност во пералницата на Клинички центар, Фото Слободен печат Драган Митрески
Фото Слободен печат Драган Митрески
Од дел од цевките протекува вода, но се „санираат“ со зелено платно врз нив, Фото Слободен печат Драган Митрески
Фото Слободен печат Драган Митрески
Купишта облека, неиспрана, Фото Слободен печат Драган Митрески
Фото Слободен печат Драган Митрески
Глетка за добредојде на влезот од пералницата, Фото Слободен печат Драган Митрески
Фото Слободен печат Драган Митрески
Многу облека, само 11 вработени Фото Слободен печат Драган Митрески
Мала залиха на испрана облека, фото „Слободен печат“ Драган Митрески
Мала залиха на испрана облека, фото „Слободен печат“ Драган Митрески
Перална на клинички центар - Слободен печат, Драган Митрески
Перална на клинички центар – Слободен печат, Драган Митрески
Перална во Клинички центар, фото Драган Митрески „Слободен печат“
Перална во Клинички центар, фото Драган Митрески „Слободен печат“
Фото Слободен печат Драган Митрески
Се бара трајно решение за очајната состојба на пералната Фото Слободен печат Драган Митрески

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот