
ВИДЕО | Новата 3Д-снимка од Титаник открива детали за последните часови на бродот, луѓето до последен момент не се откажувале
Екстремно деталната 3Д-снимка од остатоците од Титаник го даваат најјасниот увид досега на последните часови на познатиот брод што потона во 1912 година откако удри во санта мраз. Во трагедијата животот го загубија повеќе од 1.500 луѓе.
Препорачано
Дигитална реплика со целосна големина ја открива силата со која бродот се скршил на половина и потонал, а посебно внимание на експертите привлекла котларата која до сега не била достапна за јавноста. Снимката го потврдува она што го раскажале и преживеаните, дека инженерите работеле до последен момент за да ги задржат светлата на бродот вклучени, пишува Би-би-си.
Благодарение на компјутерската симулација, се појавија нови наоди: се чини дека низа дупки во трупот на бродот со големина на лист хартија биле доволни за да предизвикаат катастрофа од епски размери.
„Титаник е последниот преостанат сведок на таа трагедија и сè уште има што да каже“, рекол Паркс Стивенсон, еден од водечките истражувачи на Титаник.
Снимката е направена како дел од документарниот проект „Титаник: Дигитална реконструкција“ (Titanic: The Digital Resurrection) потпишан од „Нешнал географик“ и „Атлантик продакшн“. Потонатиот брод, кој се наоѓа на длабочина од речиси 4.000 метри во Атлантскиот океан, е снимен со помош на подводни роботи, а при создавањето на дигиталниот модел биле искористени повеќе од 700.000 фотографии од сите можни агли.
Додека претходните истражувања понудија само делумни погледи на потонатиот брод, оваа снимка за првпат дава целосна слика за Титаник. Лакот на бродот сè уште стои исправен на морското дно, како да е подготвен да го продолжи патувањето. Но, на 600 метри поназад има куп извртен челик, резултат на насилниот удар на дното на океанот по распадот на бродот.
„Тоа е како да истражуваш место на злосторство, мора да видиш сè во контекст. Само целосна слика може да ни помогне вистински да разбереме што се случило таа ноќ“, рекол Стивенсон.
Еден од најинтересните делови на новата снимка е погледот во големата котлара, сместена на задниот дел од лакот, токму на местото на прекинот. Котлите изгледаат потонати, што сугерира дека сè уште работеле кога водата влегла во бродот.
Отворен вентил бил пронајден и на задната палуба, што сугерира дека пареата сè уште течела кон генераторите за струја, благодарение на инженерите кои ги полнеле печките до последниот здив за да ги одржат светлата вклучени.

„Овие луѓе ги држеле светлата и системите да работат доволно долго за екипажот да ги спушти чамците за спасување. Тие го држеле хаосот под контрола онолку долго колку што можеле“, рекол Стивенсон, додавајќи дека отворениот вентил е еден вид симбол на нивната жртва. Сите загинале, но нивната жртва веројатно спасила стотици животи.
Новата компјутерска симулација, базирана на оригиналните нацрти на Титаник, ги комбинираше податоците за брзината, насоката и положбата на бродот за да го реконструира точниот редослед на настаните откако ќе удри во ледениот брег.
„Користевме најсовремени алгоритми, компјутерски модели и суперкомпјутери за да дојдеме до овие наоди“, рекол проф. Џеом-Ки Паик од Универзитетскиот колеџ во Лондон, кој го предводеше истражувањето.
Симулацијата покажа дека Титаник не удрил директно во карпата, туку поминал покрај неа, но тоа било доволно за да се создадат низа мали пукнатини долж еден дел од трупот. Бродот бил дизајниран да плови дури и ако се поплават четири водонепропустливи прегради, но штетата, според симулацијата, се проширила на шест.
„Разликата помеѓу потонувањето или преживувањето на Титаник биле дупките со големина на хартија. Но, тие биле распослани по должината на бродот и водата полека, но сигурно навлегувала во сите оддели“, објаснил Сајмон Бенсон, предавач по поморска архитектура на Универзитетот Њукасл.
Долниот дел од лакот не е видлив на снимките бидејќи е затрупан во тиња, но остатоците од трагедијата се уште се присутни: личните работи на патниците и членовите на екипажот се расфрлани по морското дно.
Скенирањето на Титаник откри многу, но експертите веруваат дека ќе бидат потребни години за да се анализираат сите детали.
„Титаник ни ја раскажува својата приказна дел по дел. И тоа нè остава љубопитни секој пат“, заклучил Стивенсон.