Потрага по момчето исчезнато во водите на Глажња/Фото: ЦУК

ВИДЕО: Нема трага од младиот давеник во Глажња, само во јули водите одзедоа пет животи

Во јули годинава регистрирани се пет случаи на давење. Последниот е 29-годишното момче кое се удави во водите на вештачкото езеро Глажња, во липковско, по чие тело неколку дена трагаат повеќе тимови откако исчезна на 29 јули.

-Потрагата по 29-годишното момче кое минатата недела исчезна во водите на вештачкото езеро Глажња продолжува и денес. Шест нуркачи од Тигрите  и осум нуркачи од Волците го пребаруваат езерското дно, а истовремено има неколку тимови на ДЗС, како и нуркачи на ДЗС. Се пребарува и под вода, но се пребарува и брегот на езерото, изјави директорот на ЦУК, Ангелов кој заедно со директорот на ДЗС Беким Максути денеска беа на езерото.

Тој додаде дека потрагата ќе продолжи се додека не се пронајде телото на несреќното момче, а во пребарувањето на теренот се вклучени и полицајци од СВР Куманово

-За жал условите и денеска се лоши, видливоста е многу слаба. На само неколку метри од брегот длабочината доаѓа до повеќе од 10 метри за на неколку метри од брегот да има длабочина поголема од 20 метри. Нашите нуркачи се обучени и нуркаат до максимум 40 метри длабочина, прецизира Ангелов.

Јули однесе четири животи

Два дена пред исчезнувањето на ова момче, на 25 јули кога се одбележуваше Светскиот ден за превенција од давење 67-годишната Ф.С. од Ресен се удави во водите на Охридското езеро кај Струга.

-Давењето предизвикува над 2,5 милиони смртни случаи во последната деценија. Секоја година во светот умираат 236 000 луѓе. Огромен број од овие смртни случаи дури 90% се случуваат во земјите со низок и среден приход. На глобално ниво највисокати стапки на давење се појавува кај деца на возраст од 1-4 години а потоа следат деца на возраст од 5-9 години. Давењето е трета водечка причина за смрт од ненадејни повреди во светот, што претставува 7% од смртните случаи поврзани со повреди.Најголемиот број на случаи на давење се случуваат во реки, езера, бунари, домашни бунари за складирање на вода и базени. Се нагласува дека децата и адолесцентите од руралните области се несразмерно погодени, соопшти СЗО по повод Светскиот ден за превенција од давење кој годинава се одбележа под мотото „Секој може да се удави, но никој не треба!“.

Во јули годинава изгаснаа два млади животи во базен. Имено на 7 јули во водите на отворениот Олимписки базен во Битола беше пронајдено безживотното тело на 22-годишен Шпанец С.Ч., а ден потоа почина и 15-годишно момче од Скопје откако му се слошило на базенот во Карпош.

Тим на струмичките пожарникари по две недели трагање го пронајде и извлече телото на М.П.(29) од село Дабиле, кој на 16-ти овој месец исчезна во водите на браната кај селото Дрвош.

И во јули минатата година се удавија четири лица, Мартин не беше пронајден

Според извештаите објавени во македонските медиуми, минатата годинаво јули се удавија четворица наши сограѓани. Тука е и случајот со младиот Мартин Јовановски кој се удави на Халкидики на 9. јули и по едномесечна интензивна потрага неговото тело не беше пронајдено. Се спасија само неговите пријатели Иван и Васил откако сите тројца исчезнаа во водите на Егејското море од плажата Посиди.

Двајца мажи во јули се удавија во Охридското езеро, а 14 годишно момче на почетокот од кобниот месец се удави во Беровското езеро. Неговото тело беше пронајдено ден потоа.

Претходниот месец, односно во јуни минатата година на плажата Утјеха кај Бар, на црногорското приморје се удави младо момче од Македонија. Претходните месеци, односно во мај 2022 година се случи голема трагедија кога 6-годишно дете падна и се удави во реката Пена, а на брегот на Пена трагично заврши и една љубовна приказна кон крајот на декември таа година, кога 17- годишна девојка го уби и го фрли своето 16-годишно момче чие унаказено тело беше извлечено од тимови на ДЗС 7 часа потоа. Девојката годинава е осудена на затворска казна во малолетнички затвор.

Минатата година во јануари од Пена беше извлечено и телото на маж кој исчезна околу Нова година, а рибар во мај се удави во Охридското езеро, а телото на скопјанецот Р.К. (61) во април беше извлечено од водите на Вардар кај Гази Баба.

Пет деца се удавија во 2020 и 2021 година

Во претходната 2021 година во септември регистрирано е давање на 55-годишен рибар Б.Л. од село Пополжани кога чамецот му се превртел на езерото Козјак. Во Охридското езеро таа година се удавија две лица, меѓу кои и ракометниот репрезентативец Никола Даниловски (26) кој се удави кон крајот на мај. Младо момче истиот месец се удави во Радика, а малолетно момче се удави во реката Вардар кај неготинско Пепелиште. На 20 август 2021 година малолетно девојче се удави во базен во дворот од семејната куќа во прилепско Дебреше. Два дена потоа двајца возрасни битолчани се удавија на плажа во Драч.

Во 2020 година со давење животот го загубија најмалку 13 лица го загубија животот со давење, од кои четири беа деца. Во септември 2020 година едно двегодишно дете се удави во канал за наводнување во Долно Чичево, Општина Градско, а 14-годишно момче од виничко Истибања се удави во реката Брегалница. Претходниот месец токму на 2. август во водите на Преспанското езеро се удави 16-годишниот И.М. од Ресен откако не исплива веднаш по превртувањето на педалинката на која била со двајца другари кои се спасија. Девојче на возраст од 10 години од село Бањица во март 2020 година се удави во реката Мала Речица во Општина Чашка.

Меѓу другите случаи од таа година се и давењето на маж од Косово во Карниколичкото езеро на Шара, рибарот од Миравци чие безживотно тело беше извлечено од Вардар, момче (28) кое на 11 јулу влезе да се разлади во велешкото езеро „Младост“ го загуби животот. Во јули имаше и давеник во Охридското езеро како и случај со давење во езерото Подлес. На 28 август се случи вистинска драма кога во водите на Вардар падна млада жена, а веднаш по неа се фрли и спасувач. Двајцата исчезнаа и беа пронајдени подоцна.

Светската здравствена организација смета дека секое давење може да се спречи и дека решенија постојат. Секоја заедница кој сака да превенира губење на животи со давење, може да постави бариери кои го контролираат пристапот до вода, а може да ги обучи граѓаните за безбедно спасување и реанимација.

Во однос на децата, СЗО перпорачува безбеден простор за деца од предшколска возраст далеку од вода и со особена грижа и надзор од возрасен како и подучување на основните вештини за пливање, безбедност на вода и безбедно спасување која же ги вклучува и децата на училишна возраст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!