ВИДЕО: НАСА сними звуци од најголемиот сателит на Јупитер

Фото: National Geographic

Вселенското летало Џуно на НАСА сними звуци кои доаѓаат од најголемиот сателит на Јупитер, Ганимед, пишува Индепендент.

Вселенското летало Џуно помина покрај Ганимед на 7 јуни 2021 година, а НАСА сега објави аудио снимка која трае 50 секунди.

Ганимед е најголемиот сателит во нашиот Сончев систем

Вселенското летало Џуно е опремено со инструмент наречен Waves (бранови), кој снима електрични и магнетни радио бранови кои пристигнуваат од магнетосферата на Јупитер.

Научниците успеале да ги соберат податоците и потоа да ја променат нивната фреквенција за да ја претворат во звук што може да се слушне.

Главниот истражувач, Скот Болтон од Југозападниот истражувачки институт во Сан Антонио, рече дека „ако внимателно слушате, можете да слушнете ненадејна промена на повисоката фреквенција околу средината на снимањето, што значи влегување во друга област од магнетосферата на Ганимед.

Крајниот резултат е звук кој потсетува на ветер и роботи

Научниците велат дека ова не може да се смета за доказ за постоење на живот на или во близина на сателитот, но претходните истражувања покажале дека веројатно би можело да има живот на Јупитер.

Откривањето на тајните на Јупитер може да фрли нова светлина врз еволуцијата на другите планети и формирањето на самиот Сончев систем, рече Болтон.

„Се обидуваме да разбереме од каде и како дојдовме овде“, изјави Болтон за Вашингтон пост. „И Јупитер е голем и значаен дел од таа приказна“.

Џуно, исто така, откри дека планетата е „таргетирана“ од ситни, но моќни честички од Марс.

Гравитацијата на Јупитер делува како штит што ги турка микрометеорите надвор од својата орбита, а научниците шпекулираат дека можеби на сличен начин исфрлал други древни планети од Сончевиот систем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот