
ВИДЕО | „Љубовта е во Париз“: Атлетичарка го запроси момчето на Олимписките игри откако собори рекорд
Француската атлетичарка Алис Фино (33) ги напушта Олимписките игри не само со нов рекорд, туку и со вереник. Таа го собори европскиот рекорд на 3.000 метри со пречки, а потоа потрча кон својот долгогодишен дечко шпанскиот триатлонец Бруно Мартинез Баргиел (34) и го запроси.
Препорачано
Наместо со традиционален прстен, Фино го запроси дечкото со олимписки беџ којшто го стави на неговата маица, а запросувањето го прославија со бакнеж. Додека разговараше со новинарите, таа потврди дека Баргиел ѝ „кажал да“, пишува „Дејли мејл“.
„Си кажав себеси дека ќе го запросам ако истрчам под девет минути, знаејќи дека девет е мојот среќен број и ние сме заедно веќе девет години. Не сакам да ги правам нештата како останатите. Со оглед на тоа дека тој сè уште го немаше направено ова, си реков дека можеби е мој ред да го сторам тоа“, изјави Фино.
На беџот со кој го запроси Баргиел, пишува: „Љубовта е во Париз“.
Фино на трката го освои четвртото место. Прва беше Винфред Јави од Бахреин, втора беше Перут Чемутаи од Уганда, а третото место ѝ припадна на Феит Черотич од Кенија.
„Малку ми недостасуваше да го освојам медалот. Малку сум тажна, но сепак не жалам за ништо“, изјави Фино.
French athlete Alice Finot, who broke the European record in women’s 3,000-meter walking, proposed to her boyfriend after the race. ?? pic.twitter.com/aGhtUqc469
— Tansu Yegen (@TansuYegen) August 7, 2024