
ВИДЕО | Извршена првата трансплантација на око во светот
Хирурзите во Њујорк велат дека ја извршиле првата целосна трансплантација на око во светот, иако мислат дека нивниот пациент нема да го врати видот. Арон Џејмс, кој доживеал струен удар, бил подложен на операција која траела 21 час за да му се замени половина од лицето.
Препорачано
Експертите го нарекоа овој настан клучен момент во потрагата за враќање на видот на милиони луѓе. Џејмс, работник од американската сојузна држава Арканзас, изгубил поголем дел од лицето кога случајно допрел жица под напон од 7.200 волти во 2021 година, пренесува Би-Би-Си.
На 27 мај оваа година, тој бил подложен на ретка делумна трансплантација на лице заедно со трансплантација на око – во која учествувале повеќе од 140 лекари. Хирурзите кои ја извршија комплицираната операција вчера изјавија дека Џејмс (46) добро закрепнува од двојната трансплантација и дека донираното око изгледа неверојатно здраво. Неговото десно око сè уште работи.
„Самиот факт дека ја постигнавме првата успешна трансплантација на цело око е огромен потфат за кој многумина мислеа дека не е возможно“, рече д-р Едуардо Родригез, еден од водечките хирурзи во тимот. „Направивме голем чекор напред и ја изградивме основата за следното поглавје за враќање на видот“.
Лекарите велат дека операцијата на Џејмс им нуди на научниците невиден увид во тоа како човечкото око се обидува да се излечи. „Ние не тврдиме дека го враќаме видот“, изјави д-р Родригез за Еј-Би-Си. „Но, нема сомнеж дека сме чекор поблиску“.
Лекарите велат дека има директен проток на крв во мрежницата – делот од окото што испраќа слики до мозокот. Иако нема сигурност дека Џејмс ќе го врати видот на новото око, ниту лекарите не ја исклучуваат таа можност. „Ако можам да гледам со новото око, тоа е одлично“, рече Џејмс зборувајќи за американските медиуми, додавајќи: „Но, ако тоа ќе го поттикне развојот на тоа поле на медицината, тогаш јас сум за тоа“.
Џејмс, армиски ветеран, ќе продолжи да го следат лекарите, но напредокот што го забележаа со новото око е „извонреден“, вели Брус Гелб, доктор на науки и хирург на Универзитетот во Њујорк. Донираното око е од машки донатор во неговите 30-ти години. За време на операцијата, лекарите инјектирале возрасни матични клетки од коскената срцевина на донаторот во оптичкиот нерв за да го стимулираат неговото закрепнување.
Џејмс е само 19-тиот човек во САД на кој му е извршена трансплантација на лице. Неговата сопруга Меган Џејмс, со која е во брак 20 години, изјави за Си-Ен-Ен дека тоа што го виделе по операцијата „било лудо, одлично, чудно, необично, екстатично, среќно чувство“.
„Бев среќна што успеа и се беше добро“, додаде таа.
По несреќата, Џејмс морал да го отстрани левото око поради болки и бил подложен на бројни операции, меѓу кои и на протетска рака. Тој ја нарече трансплантацијата на око „процедура која му го промени животот“ и додаде дека е „неописливо благодарен“ на донаторот и на нивното семејство што ја овозможиле операцијата. „Изгледам како нормален човек кој оди по улица“.