
ВИДЕО Интервју со Данела Арсовска: Дивоградбите во Чаир се за перење пари, буџетот оштетен за 225 милиони евра!
Дивоградбите во Чаир се многу повеќе од тоа, тоа е криминал со фалсификати и перење пари во износ од 225 милиони евра кои се украдени од државниот буџет рече во интервју за „Слободен печат“ градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.
Препорачано
Таа е помирна откако доби полициско обезбедување по нападот во Чаир, меѓутоа истакнува дека за нејзина вистинска безбедност треба да се отстрани причината за небезбедноста и да не се штити криминалот зависно од политичката припадност на оној кој го врши.
Запрашана зошто не ги потпишува полициските записници за нападот врз неа, Арсовска вели дека причината е што полицијата во записникот внела невистинити работи зад кои таа не стои и следствено не го става својот потпис. Арсовска го демантираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека не ги пријавувала нападите врз неа. Додаде дека по завршувањето на мандатот планира да се бави со зборување на темата дивоградби и криминал, но не во политиката туку на друг начин – зашто како што рече „кај нас се разнишани темелите на владеењето на правото“.
-Да се чувствувам загрозена. Мило ми е што после три ипол години АНБ направи проценка да ми додели некој што постојано ќе биде до мене и ќе се обиде да ме заштити. Но единствената моја заштита е вистината и да се поведе постапка против оној против кого ги носам овие непобитни докази и истражени институционални документи. Тоа треба да се случи за да докажеме дека имаме држава, дека не сме територија во која припадност на политичка опција те прави да си заштитен а неприпадност на политичка опција те прави да си граѓанин од втор ред, рече Арсовска.
Таа зборуваше за кривичната пријава што неделава ја поднесе против градоначалникот на Чаир Висар Ганиу и потенцираше дека во Јавното обвинителство однела докази дека деловодната книга во општина Чаир во која што се запишуваат барањата за легализации на дивоградби според неа – е фалсификат. И дека дивоградбите за кои пријавува не се нешто што се случувало пред години, туку дека тие се издигнуваат во моментов. Алармираше институциите на системот да не креираат опасен преседан со непостапување, поради кој во иднина не би смееле да гонат криминал од сличен калибар никаде во државата.
Не се работи за дивоградби тука, туку за фалсификати и перење пари, над 225 милиони евра. Институциите се прават глуви освен ако постапувањето не остварува нечија цел или ако не е против некој што се гони за ќебапи. Видовме дека на сограѓани за тераса или маса со две столици им покренуваат кривична пријава. А за Чаир, на Обвинителството му се доставени сите докази. Во ниедна друга општина ова го нема. Вакви дивоградби таму нема. Не постои ваков криминал со фалсификати и со перење пари, рече Арсовска.

Таа рече дека општината Чаир, наводно водела деловодна архивска книга во која се запишани барањата на граѓаните што поднесувале барања за легализација во 2011, 2013, 2016 година. Понатаму таа книга се затвора и тие бројчиња се веќе поднесени и со самото истекување на рокот по закон, се исцрпуваат сите можности за дополнување на таа архивска книга. Но, според Арсовска, бројчињата на граѓаните чии барања за легализација на тераси биле одбиени, потоа биле злоупотребени за во 2025 година на нивното бројче да се впишат дивоградби градени неодамна и тоа згради од по 12 ката во Чаир.
– Регистарот на Чаир и регистарот на Министерството за транспорт и врски апсолутно не соодветствуваат. И тоа од 13 илјади барања за легализација на дивоградби, со фалсификати се минимум 150 објекти на згради. Кога ќе се спореди фалсификуваната архивска книга на општина Чаир со регистарот кој е депониран во Министерството за транспорт кој не може да се брише и менува, ќе утврдите дека регистарот што сега се користи во општина Чаир е целосно фалсификуван. Бројчињата на граѓаните што аплицирале во 2011 се менувани со други луѓе, надвор од сите законски рамки за објекти што ги градат сега, во моментов, рече Арсовска и го повика министерот за транспорт и врски Александар Николовски да го обезбеди регистарот од неговото министерство и да им го даде на обвинителите.

Арсовска потенцираше дека ова го открива наназад со години, а не пред избори – но Општина Чаир ниту руши дивоградби, ниту го повикува државниот градежен инспекторат да го стори истото.
-Не сакам да се политизира ова. Ова е организиран криминал, злосторничко здружување. Некоја госпоѓа која аплицирала да си ја легализира терасата е одбиена со решение и после 10 години некој на нејзиното бројче се впишува цела дивоградба цела зграда од 70 станови. За кои нема платено ниту еден денар, рече Арсовска.
Среде деновите на жалост после пожарот во Кочани, бил направен првиот фалсификат според Арсовска.
-Немарно, бескрупулозно среде една од најголемите трагедии прави фалсификат и го внесува во Катастарот на недвижнини. На луѓето им вади на дивоградбите имотни листови. Откако ги фативме на 20 март почнаа заканите. И моето прво излегување во живо ми беше на 21 март. Оттогаш никој не постапува. Не знам што треба да се случи за некој да постапи. Ете не им е брат, но треба да се постапи рече Арсовска.

Запрашана дали стравува дека по завршувањето на мандатот наесен, се околу дивоградбите ќе се забошоти, таа одговори негативно.
-Нема да престанам да зборувам ни кога ќе ми заврши мандатот. Зашто единствениот начин да бидам безбедна е тој што ми се заканува да заврши позади решетки. И кога ќе се потврди криминалов што е направен. И не се работи за дивоградби, ни дека дивоградби има секаде, ни дека 13 илјади од 200 илјади дивоградби се во Чаир, туку се работи за безобразен криминал, за фалсификувани документи на луѓе жртви, за перење пари од црни извори кои не знаеме од каде се дојдени зашто малолетници на 5 години се претставувале дека граделе. Еве сега имаат 20 години па да докажат од кај им се тие грдни пари, 225 милиони евра е проценката, само за комуналиите, башка за градењето. Од каде им се парите на овие лица за толкав капитал да набилдаат? Самата реакција од нивните ботови и пријатели и тие што ги граделе дивоградбите ми е доволен показател дека сум на вистинскиот пат. Самите граѓани гледаат, рече Арсовска.
Градоначалничката смета дека аргументот оти таа доцна реагира е депласиран, бидејќи делото е сторено и по него мора да се постапува.
-Не знам од кога е политика да постапувате по криминал. Немаше да има никаква политика ако првиот ден го уапсеа човекот, а јас немаше да морам да излегувам на телевизија. Овде се работи за 150 згради кои се градат сега во моментов, рече Арсовска.

Запрашана зошто не го потпишала полицискиот записник од последниот напад врз неа во Чаир, Арсовска вели дека не потпишува туѓи зборови и интерпретации со кои самата не се согласува.
-По 2,5 часа поминати во станица за изјава на записник, се смени расположението во полициската станица. Тие ги гледале снимките и сфатиле дека можат некого да убедат дека јас сум го тепала „Барути“ или како и да се вика човекот. Почнаа да ставаат околности во записникот со кои јас не се согласувам. Не можам да потпишам изјава што не сум ја дала и некој да додава зборови што не се случиле, рече таа.
Градоначалничката вели дека не е точно оти нападите не ги пријавувала претходно и дека само ги објавувала на социјалните мрежи.
– Ние на социјални медиуми објавуваме за да мора да има реакција по нашите пријави. Сметаме дека притисокот на јавноста тие луѓе нема да може да го издржат и ќе мора да постапат. Да бевме ние нормална држава, кога ќе фатите вие некој што исекол булевар и се приклучил на водоводната мрежа, би требало самата полиција да дојде и да го уапси тоа лице. И за него да следи кривична санкција како секој еден што оштетил јавно добро. Кај нас се се претвора во една дебата колку телефони има тој да сврти, колку пари има газдата што го пратил таму да копа. На крај виновен излегува работникот што дошол за дневница таму да работи а не газдата кој рече „не знам кој го пратил тука да копа да се приклучува на диво во недела“, рече Арсовска.
Градоначалничката упати порака дека се надева оти непостапувањето на институциите нема да доведе до преседан во иднина градењето без дозвола да стане општа пракса, заедно со крадењето струја и вода.