ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Николовски: Судството мора да добие црвен картон, а поддршка оние структури што покажуваат волја за реформи

Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк/Фото: Слободен печат

ЕВРОТИНК – Центар за Европски Стратегии  работи на проекти поврзани со евроинтеграциите, иако не секогаш директно се наведува дека проектите упатуваат на овие процеси. Во последните години нашето внимание и фокус на работа се концентрира на безбедносните прашања и во овој момент работиме на проект за транспарентноста и отчетност на полицијата во блиска соработка со МВР. Ова го изјави Димитар Николовски, директор на Евротинк, тинк тенк организација во емисијата „Слободен печат“.

Според него особено е битна перцепцијата на граѓаните на Македонија за нашето зачленување во Европската Унија кое во континуитет се води речиси 20 години.

-Имаше периоди кога реално бевме пред многу држави, според постигнатите резултати, но поради одредени односи со соседите тешко можеше да се очекува наше членство во Унијата. Тие процеси влијаеја врз перцепцијата кај македонските граѓани и го зголемија процентот на оние што не гледаат иднина за државата во ЕУ.  Сакам да истакнам дека 2030 година како дата не е јасно што значи за државата. Мислам дека оригиналната замисла беше дека ЕУ е подготвена да прими нови членки, од една страна и тоа не значи дека новите членки би биле подготвени да бидат примени, од друга страна. Тоа пред се сè однесува на внатрешните реформи во ЕУ, особено во политиките на проширувањето. За нас 2030 година значи дека е добро да се има ваков датум како цел врз основа на која ќе се проектираат активностите. Можеби е оптимистички овој датум, но добро е да има, по цена и да биде пречекорен. Со овој датум реално ќе може да го мериме напредокот и сопствениот успех, односно позитивен резултат. Според мене долго е чекањето на македонските граѓани за почеток на преговорите, односно ако веќе се почнати долго е чекањето за да се отворат кластерите, вели Николовски.

Според нивните истражувања на јавно мислење т.н. „Евро-метар“ што се спроведуваат од 2014 година, во минатата година е забележан висок пад на процентот за евро-ентузијазмот.

-Од 69% определени за ЕУ интеграциите односно оценуваат дека „тоа е добра работа“, во 2021 година во 2022 година за ова се изјаснија 49% од граѓаните што е пад од 20%. Во извештајот напишавме дека ова се должи на одредена отпорност, иако евро-ентузијазмот беше присутен и висок за да дојде период на замор, изјави Димитар Николовски.

Реформите во ЕУ за ново проширување зависат од распоредот на политичките сили по изборите во 2024 година, кога може да се очекува одредени држави да покажат тврд став и политика спрема други држави што бараат членство во Унијата.

-Има шанси за развој на таквата тенденција во ЕУ, кога станува збор за политиката на десните партии. Нивната популарност може да влијае кај населението во некои клучни држави на Унијата во однос на прашањето за проширување. Да се добие резултат што ќе говори дека поголемиот дел од нивното население не е расположено за проширување на ЕУ и не би смееле да водат спротивна политика од оваа определба. За таа цел лесно би било да се најдат нови критериуми или строго да се применуваат постојните критериуми за сите држави, а не само за нас. За реформите очекувам интензивно да дискутираат по изборите во 2024 година по распоредот на силите во Европскиот парламент и во парламентите на државите, истакна директорот Николовски.

Анализата на оценките на Комисијата за Северна Македонија води кон два заклучока: Првиот, во однос на минатата година, оценката за подготвеноста за преземање на обврските од членството е повисока само во едно поглавје. Ова е очекувано имајќи го предвид пристапот на Комисијата во изминатата декада, за кој пишувавме во минатогодишната анализа. Вториот, оценките за напредокот се послаби од минатата година, па наместо „одреден напредок“ ,доминантна оценка е немање напредок или „ограничен“ напредок. Тоа што треба особено да нè загрижи се оценките во правосудството и борбата против корупцијата како клучни области од кои зависи целокупниот тек на преговорите како одел од кластерот Темели. Оцените за Македонија од 0 до 5 се движат главно 0, 1 и 2 што претставува слаб успех.

-Овие извештаи се многу корисни за Македонија и ова е прв пат посериозно да се реагира на содржината на Извештајот и во нив се констатира одредена стагнација во реформите. Постои сериозна стагнација во трите области: во однос на правосудството, во областа на спречување на корупцијата и во однос на фундаменталните права. Ова се клучни прашања за државата и затоа се гледа на овој кластер со посебно внимание. Според мене колку и да е лоша состојбата, истовремено е добро што отворено се говори за борба против корупцијата. Јавноста има висока свесност за постоењето на проблемот и тоа би можело да биде поддршка за институциите да ја вршат работата професионално и одговорно, потенцира Димитар Николовски

Реформите во судството тешко може да ги реализираат судиите, од една страна и на македонското општество му е потребно целосно реформирано судство со помош на Собранието и другите институции. Демократските институции и граѓаните кои сметаат дека довербата во судството е најниска во споредба со сите други институции имаат целосно право на судството да му доделат црвен картон.

-Сметам дека и другите две власти ги даваат овие оцени и посочуваат дека клучниот проблем е во судството. Сведоци сме дека многубројни истражни постапки пропаѓаат, поради правосудниот сектор и дефинитивно мора да им се даде црвен картон и повторно да им се даде поддршка на тие структури во судството што покажуваат волја за реформи, зашто такви постојат, истакна директорот на Евротинк Николовски.

Целото интервју со Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот