Анита Ангеловска-Бежоска/Фото: Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Ангеловска-Бежоска: Нашата економија се соочи со шокови незапазени во изминатите 50 години

Во изминатиот период граѓаните се соочија со ценовни шокови. Она што можеше да се види и да се сумира како резултат, Македонија најмногу ги почуствува овие шокови во споредба со европските земји, во однос на висината дури и два пати беа повисоки цените и она што се случуваше кај нас во однос на државите во Европската Унија. Зошто се случуваше ова одговор побаравме од гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска- Бежоска во утринската програма „Слободен печат“ на Слободна ТВ.  Според неа глобалната економија, вклучително и нашата економија, во изминатите неколку години се соочи со шокови, од неекономска природа главно, но тие имаа навистина досега невиден карактер, односно беа со јачина незапазена во изминатите 50 години.

– Да се потсетиме, тука беше пандемијата, како навистина голем, неекономски шок, со силни импликации во глобални рамки, потоа тука се надоврза енергетската криза, кога цените на енергенсите, но и генерално цените на примарните производи на светските берзи достигнаа нивоа досега никогаш забележани на берзите, а потоа за жал следеа и воените дејствија – војната во Украина, а од неодамна се надоврза и конфликтот Ираел-Хамас. Сите овие шокови, кои беа од големи размери, неминовно се одразија врз глобалните економски текови и значеа голем надолен притисок врз економската активност, а од друга страна нагорен притисок врз цените. Ако ја погледнеме глобалната инфлација, за да илустрираме што ова значи со бројки, јасно може да се види дека минатата, 2022 година, глобалната инфлација достигна рекордно високи нивоа. Таа практично се удвои и изнесуваше некаде во просек околу 9%. Во Европската Унија интензитетот на растот на цените беше дури и посилен, од некаде просечен ценовен раст од 3%, се зголеми на 9% годишен просечен раст, а во ЕУ која е наш најзначаен трговски партнер се почуствува тој силен ценовен шок. Кај нас цените минатата година, во просек за целата година се зголемија за околу 14%. Ова е повисок раст во однос на просекот во ЕУ, меѓутоа е блиску до растот на цените во Централна и Југоисточна Европа, кадешто растот беше нешто над 13%- вели Бежоска.

Таа објаснува дека она што го покажуваат бројките е дека овој инфлациски шок ги погоди сите економии, но точно е дека интензитетот со којшто беа погодени одделните економии, се разликува.

-Прво, ако ја погледнеме и самата ЕУ, инфлацијата варираше од 6% во Франција и Малта, до 20% во Балтичките земји. Нашата инфлација беше околу 14%, што покажува дека имаше земји од ЕУ коишто имаа повисока инфлација од нашата. Меѓутоа, точно е ако гледаме според просечната инфлација во ЕУ, којашто минатата година изнесуваше 9%, а кај нас 14% дека се гледа тој јаз, односно зголемување на разликата во инфлацијата помеѓу нас и ЕУ- вели гувернерката.

Кои се факторите коишто можат да ги објaснaт разликите помеѓу одделни економии, вклучително и нашата vis-à-vis европската?

-Во основа, општо познато е, дека инфлациските шокови, во која мера и размери ќе се манифестираат во една економија зависи од повеќе структурни и институционални фактори. Би посочила некои од поважните, кои го објаснуваат инфлацискиот диференцијал, на пример, помеѓу нас и ЕУ. Нашата трговска отвореност е исклучително голема, 140% од БДП. Во ЕУ, трговската отвореност е двојно пониска, односно 70% од БДП. Тоа во принцип значи, колку економијата е трговски поотворена, има поолем извоз, увоз, таа е поизложена на надворешни шокови, а особено ако економијата нема и домашни ресурси за компензирање на тие надворешни шокови. Второ, не е само општо трговската отвореност, туку, со оглед на природата на шоковите, од каде доаѓаат, тоа беше сегментот главно на енергенсите и на примарните производи, а кај нас увозната енергетска зависност е навистина висока. Не само што ние сме увозно-енергетски зависни како економија, туку и ние сме енергетски неефикасни како економија. Нашата потрошувачка на енергија за да произведеме една единица БДП е три пати повисока во однос на онаа во ЕУ. Тоа покажува дека нашата енергетска интензивност, значи голема потрошувачка за една единица производ упатува дека енергетскиот шок може да има големо влијание врз останатите производи и услуги во економијата, бидејќи енергијата нормално е инпут за производство на други производи- вели Бежоска.

Бежоска вели дека уште еден елемент, којшто е многу значаен, е структурата на нашата потрошувачка кошничка.

-Ако имаме предвид дека шокот дојде од храната и енергенсите воглавно, кај нас учеството на храната и на енергенсите, во нашата потрошувачка кошничка е некаде околу 50%, а за споредба во ЕУ, нешто над 25%, 26%. Ова покажува дека ист глобален шок се манифестира со различен интензитет во одделните економии во зависност од нивните структурни карактеристики. Покрај структурните фактори, многу важно е институционалното однесување со политките, мерките коишто се преземаат од одделните држави за соодветно справување со овие големи шокови. Така, анализите покажуваат дека во оние земј,и кадешто мерките беа помалку таргетирани, беа погенерални, во смисла на намалување на даноци и слично, инфлацијата беше пониска, затоа што тој тип на мерки спречува пораст на цените, меѓутоа од друга страна бара голем фискален простор, затоа што тоа е трошок на државата. Прашање е која држава колку може тоа да го издржи и колку има простор без драматично да се зголеми јавниот долг, затоа што за тоа мора да се води сметка- вели Бежоска.

Понатаму, како дополнителни фактори кои влијаат врз разликите во одделните економии е и степенот на ефективна конкуренција, значи во економиите каде има поголема ефективна конкуренција и ценовниот притисок е помал.

Целото интервју со гувернерката на Народна банка на Република Северна Македонија Анита Ангеловска- Бежоска погледнете го во продолжение:

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот