Халид Бешлиќ/Фото: Принтскрин/Фејсбук

ВИДЕО | „Халиде, те сака твоето Сараево“: Илјадници граѓани со свеќи и песни му оддадоа последна почит

Во Сараево, пред Домот на младите, се собраа бројни граѓани за да му оддадат почит на починатиот Халид Бешлиќ. Тие запалија свеќи и положија цвеќе пред големиот портрет со неговото име.

Ова спонтано собирање на граѓани го покрена сценографката Адица Ватреш Селимовиќ преку социјалните мрежи.

Сараевци заедно ги пееја најпознатите хитови кои ја одбележаа долгогодишната кариера на омилениот пејач. На повикот за собирање, објавен по неговата смрт во вторникот од последици на тешка болест, се одзва голем број луѓе кои покажаа колку беше сакан во градот во кој го помина најголемиот дел од животот – и каде што и почина.

„Халиде, те сака твоето Сараево“, стоеше напишано покрај неговата фотографија поставена на фасадата на Домот на младите во сараевскиот центар „Скендерија“, каде што Бешлиќ одржал бројни концерти.

По минутата молчење и молитвата за неговата душа, женскиот хор „Алегро“ ја изведе песната „Први пољубац“, еден од најголемите хитови на Бешлиќ. Насобраните граѓани им се придружија, а комеморацијата се претвори во емотивен музички омаж на кој беа отпеани речиси сите негови познати песни.

Халид Бешлиќ ќе биде погребан во понеделник на сараевските гробишта Баре.

Да потсетиме, оваа музичка легенда почина вчера на 71-годишна возраст. Последните денови ги помина на Клиничкиот центар при Универзитетот во Сараево, на Одделот за нефрологија. Поради нарушеното здравје, крајот на август мораше да го откаже настапот во Градачац, кога беше откриено дека има сериозни проблеми со црниот дроб и дека е префрлен на Одделот за онкологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот