
ВИДЕО | Доли Партон им одговори на гласините: „Не умирам, добро сум и сè уште работам!“
Американската кантри легенда Доли Партон (79) им стави крај на шпекулациите за своето здравје, кои се проширија поради откажани настапи и јавни појавувања.
Препорачано
Во видео објавено денеска, таа директно им се обрати на загрижените обожаватели со нејзиниот препознатлив хумор и топлина.
„Дали ви делувам болно? Денеска снимам реклами, а пред да почнам, сакав да ви кажам нешто… Знам дека многумина мислат дека сум поболна отколку што навистина сум. Работам напорно и добро сум!“, изјави Партон во видеото.
Пејачката додаде дека е благодарна на сите кои се молат за неа, објаснувајќи дека е верник и дека секоја молитва ѝ значи.
„Имам некои здравствени проблеми, но ништо сериозно. По смртта на мојот сопруг Карл не се грижев доволно за себе, па сега морам да се посветам на третмани и контроли. Но, сакам да знаете – не умирам“, рече таа.
Партон се осврна и на бизарните гласини на интернет, спомнувајќи дури и лажна вештачка слика на која изгледа како на самртна постела заедно со кантри пејачката Риба Мекентајр.
„Мислам, ако навистина умирав, Риба сигурно немаше да биде на мојата постела“, се пошегува Партон.
Во завршницата, 79-годишната ѕвезда испрати порака со јасна порака за својата виталност.
„Бог сè уште не е завршил со мене. Јас сè уште не сум завршила со мојата работа. Ве сакам и ви благодарам што се грижите за мене. Продолжете да се молите – ама знајте, јас сум добро“, изјави таа.