ВИДЕО | „Блубери се врати дома“: Мачор пронајден по четири години во соседна држава

Фото: Скриншот/Јутјуб

Членовите на семејството Смит од округот Даун, Северна Ирска, одамна ја изгубија надежта дека некогаш повторно ќе го видат својот мачор Блубери, пишува „Гардијан“.

Четири години подоцна, кога тие се откажаа од потрагата по својот мачор, дошол повикот: „Го имаме вашиот Блубери“.

Омилениот црн мачор, кој исчезна во ноември 2019 година од семејната куќа во округот Даун, на брегот на Северна Ирска, се појавил минатата недела во округот Голвеј, Ирска.

Жител на село во близина на градот Голвеј забележал мачор пред супермаркет, кој делувал болешливо, и на 6 февруари го однел кај локалниот ветеринар.

„Имаше мачкин грип. Беше многу послушен, но и многу пријателски настроен. Тој имаше големи болки и беше напнат, но сепак го сакаше вниманието на луѓето“, рече Рејчел Расел, ветеринарната медицинска сестра која се грижела за Блубери.

Мачорот имал чип, но пребарувањето на базата на податоци за домашни миленици во Ирска не дало резултати. Ветеринарите потоа ја провериле базата на податоци на „Јуропнет“, која опфаќа 26 европски земји и пронајдоа совпаѓање во Обединетото Кралство.

Откриле дека мачорот се вика Блубери (превод: боровинка) , дека има 10 години и дека својата одисеја ја започнал четири години порано, на место оддалечено повеќе од 400 километри.

Никој од семејството не очекувал повик дека нивниот миленик е пронајден.

„Го прифативме фактот дека го изгубивме засекогаш, но потоа мајка ми доби повик од некој на југ“, објасни Хана Смит во изјава за „Белфаст Телеграф“.

Мачорот пристигнал во својот дом во неделата.

„Сè уште сме во шок. Ова е едноставно брилијантно. Тој нè препозна“, нагласи Хана Смит.

Либи Портер, која помага во водењето на група за спасување и враќање на домашни миленици во северен Даун, рече дека оваа приказна ја покажува важноста на чипирањето на домашните миленици и ажурирањето на нивните записи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот