
ВИДЕО | Ангелов: Пожарот во Трубарево е изгаснат, депонијата „Дрисла“ речиси целосно затрупана
Пожарот во Трубарево е целосно изгаснат, а целата опожарена површина е затрупана со песок и земја, изјави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Препорачано
Утрово на неколку места се забележувало чадење, но веднаш било интервенирано со специјална пена и затрупување со земја и песок. На местото на пожарот останаа екипи на скопската противпожарна бригада за да интервенираат доколку има потреба.
Ангелов истакна дека состојбата е драстично подобрена и во депонијата „Дрисла“.
„Останува да биде затрупан уште мал дел. Очекувам во текот на попладневните часови да биде целосно затрупано местото кое овие денови чадеше. На тој начин се целосно затворени двата пожара“, изјави директорот на ДЗС, кој изрази благодарност до скопските пожарникари и до сите други кои учествуваа во справувањето со пожарите.
Пожарот избувна во саботата попладне, во објекти на фабрика за електронски отпад. Лекарска помош по пожарот побарале четири лица и сите се надвор од животна опасност.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определи мерка притвор во траење од 48 часа на четворица осомничени за пожарот во Трубарево. Четворицата се осомничени за кривичното дело од чл. 230 ст.3 вв со ст. 1 од КЗ, односно Загрозување на животната средина и природата со отпад.
Од Јавното обвининителство информираат дека по пожарот во објекти за рециклирање отпад во селото Трубарево радијација не е детектирана и дека контаминацијата е хемиска.