ВИДЕО | Андоновиќ: Kој го урна рускиот воен авион над Украина?

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Сè уште е нејасна причината зошто рускиот воен транспортен авион иљушин Ил-76 се урна вчера во Белгородската област, веднаш до границата со Украина. Москва тврди дека сите 74 патници загинале во соборениот авион, од кои 65 биле украински воени заробеници кои биле превезувани за размена.

Останува нејасно дали авионот навистина е соборен од украинскиот противвоздушен систем стациониран во областа Харков, како што тврди Москва, или бил погоден по грешка од таканаречен „пријателски оган“ од руските сили, според ставот на Украина. Постои и теорија дека се работи за катастрофален технички дефект. И можеби и најголемата мистерија-кој сè бил во авионот.

Главниот уредник на рускиот државен медиум РТ, Маргарита Симонјан, објави наводен список со имиња на украински воени затвореници кои биле на летот, но неколку руски и украински извори забележале дека на списокот се наоѓаат и имињата на оние кои веќе биле разменети на 3 јануари, и дека дел од нив се живи.

Претседателот на рускиот Комитет за одбрана во Думата тврди дека транспортниот авион бил соборен или со проектил од американскиот систем „патриот“ или германскиот систем ИРИС-Т, иако Украина ветила дека нема да го користи донираното оружје за напади на руска територија. Но, германскиот систем нема доволен дострел за тоа, додека „патриот“ долж границата би бил во домет на руските воздухопловни сили, сметаат воените експерти.

Постои и теорија дека рускиот авион не превезувал украински затвореници, туку ракети со долг дострел С-300, кои руските сили често ги користат при напади врз копнени цели во регионот на Харков.

Си-ен-ен во својата анализа забележува дека во руската верзија на настанот збунувачки е и тоа што украинските затвореници ги чувале само тројца руски војници.

Поранешниот украински воен затвореник Максим Колесников на мрежата Х објави дека кога бил пренесен во Белгород, во авионот за 50 затвореници имало најмалку 20 руски воени полицајци.

Советникот на украинското Министерство за внатрешни работи, Антон Герашченко, исто така изрази сомневање дека во авионот имало дури и воени заробеници, наведувајќи дека и руските воени блогери потврдиле дека затворениците обично се превезуваат со железница или со возила, а не со авион. Герашченко, исто така тврдеше дека авионот летал подалеку од Белгород, а не кон него во моментот на падот.

Американскиот институт за проучување на војната (ИСВ) наведува дека овој случај има карактер на информативна војна меѓу двете страни и дека врз основа на достапните информации не е во состојба да процени што всушност се случило.

Специјализираната веб-страница Вор Зоун, од друга страна, заклучува дека наводната видеоснимка од местото на авионската несреќа може да ја поддржи теоријата дека авионот бил соборен од противвоздушна ракета, бидејќи остатоците од авионот се полни со дупки кои обично се создаваат со фрагментирани боеви глави, пишува Нови лист.

Поранешниот руски претседател и премиер и актуелен заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, преку социјалната мрежа Телеграм обвини дека Украина намерно го урнала воениот авион иако знаела дека во него има украински воени затвореници.

„Приказната за уништувањето на авионот Ил-76 е резултат на внатрешната политичка борба на неонацистичката елита во Киев“, изјави Медведев.

Тој рече дека руските пилоти кои загинале се херои и дека Киев не сакал да ги прими своите затвореници од Русија.

„Ќе биде само полошо: за да ја задржат власта, без никаков проблем ќе го убиваат својот воен персонал и воени заробеници“, обвинува понатаму Медведев, додавајќи:

„Тие безмилосно ќе ги бомбардираат нивните градови и села, уништувајќи ги нивните домови и палејќи ги нивните граѓани без разлика дали се деца или постари лица“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот