Хоер Верде / Фото: Принтскрин/Јутјуб

ВИДЕО | 600 жители на овој град исчезнале без трага и глас: Ни денес не се знае што се случило со нив!

Случаите на масовни исчезнувања биле добро документирани низ историјата, иако не секогаш објаснети.

Сигурно сте слушнале за изгубената колонија Роаноке и бродот на духови „Мери Селест“, како и исчезнатите жители на ескимското село што се наоѓа на брегот на езерото Ангикуни. Нешто слично се случи и во Хоер Верде.

Овој мал град во срцето на бразилската џунгла е центарот на никогаш решена мистерија – сите негови 600 жители исчезнале без трага и глас, пишува „Повјест.хр“.

На 5 февруари 1923 година, помала група луѓе допатувала во Хоер Верде за да ги посетат роднините. Штом се приближиле до градот, сфатиле дека нешто не е во ред: вообичаената бучава на децата, мачните воздишки на земјоделците и лаењето на кучињата биле заменети со гробна тишина.

Улиците биле морничаво пусти, а капаците на куќите тропале од ветрот. Пристигнувајќи во домот на роднините, гостите биле изненадени кога забележале дека влезната врата е ширум отворена.

Со трепет во срцето, кој станувал сè поинтензивен со секој чекор, оделе од соба во соба, повикувајќи ги своите најблиски. Никој не им одговорил. Куќата била празна.

За работите да бидат уште поневообичаени, сфатиле дека нивните роднини заминале набрзина: на семејната маса стоеле полупразни чинии, како неми сведоци на животот прекинат во својата рутина.

Исплашени, дојденците истрчале во соседната куќа, но и во неа немало никој… Исто како и во неколку други куќи на чии врати тропнале. Не знаејќи што да направат, за помош се обратиле во полиција. Оттаму не им дале информации, односно не можеле многу да им помогнат да ја дознаат вистината. Откриле дека сите куќи се празни, а сите жители исчезнале во непознат правец и од непознати причини.

Немало траги од заседа, напад или крв. Било јасно само едно – луѓето толку брзале што немале време ниту да ги спакуваат најосновните работи. Оставиле сè зад себе – пари, документи, вредни предмети, скапоцености…

Дека причините за нивното исчезнување не биле ниту убави ниту пријатни, сведочеле откритијата во локалното основно училиште.

Таму, на подот од училницата, бил пронајден пиштол кој сè уште мирисал на барут, што значи дека од него неодамна било пукано. А на училишната табла, со креда биле испишани зборовите кои ги наежиле дури и најискусните полицајци: „Нема спасување“.

Полицијата првично шпекулирала дека жителите на Хоер Верде побегнале поради страв од локалните герилски групи или насилните шверцери на дрога, но приказната, се покажало, не била баш убедлива – да било така, тие некаде веќе ќе се појавеле, ќе се јавеле некому…

Можноста дека некој ги убил, исто така, не „држи вода“ – криењето на телата на 600 луѓе е невозможен потфат, дури и кога се работи за прашума.

Се разбира, во следните години се појавувале секакви теории и за натприродни субјекти вклучени во исчезнувањето, но за нив, немало докази.

Случајот бил затворен, а напуштениот град со текот на времето го проголтала прашумата, како да сака да ја скрие нсговата тајна во своите зелени пазуви.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот