Ветингот и реформите во правосудството – обединувачка платформа

Уставен суд зграда / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Централно место во платформата ако Алијанса влезе во власта треба да имаат ветингот, законот за проверка на имот на политичари, судии, обвинители и други именувани и избрани функционери, реформите во правосудството, независен буџет за Антикорупциската комисија и зајакнување на сите органи и тела за борба против корупцијата.

Ветингот, битката против корупцијата и реформи на правосудството е можно да биде обединувачката платформа на власта и Алијанса за Албанците, ако премиерот Димитар Ковачевски и в.д. претседателот на Алијанса Арбен Таравари се договорат за влез на опозициската партија во Владата, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од СДСМ. Од Алијанса, пак, велат дека начелна согласност веќе е постигната. Според наводно договореното, централно место во платформата ако Алијанса влезе во власта треба да имаат ветингот, законот за проверка на имот на политичари, судии, обвинители и други именувани и избрани функционери, реформите во правосудството, независен буџет за Антикорупциската комисија и зајакнување на сите органи и тела за борба против корупцијата.

Да се забрзаат преговорите меѓу Ковачевски и Таравари, како што веќе објавивме, притиска и Алијанса, со најавата дека е можно да побара Централното собрание да донесе одлука со која ќе му даде рок на Ковачевски да ја конкретизира понудата за влез на Алијанса во Владата, или во спротивно да останат опозициска партија.

Откако викендов СДСМ го финализираше карванот „Силно и одлучно кон иднината“ таргет на Ковачевски е да продолжат преговорите со Таравари за влез на Алијанса во Владата, вели нашиот извор од СДСМ.

– Конкретна понуда до Алијанса за влез во Владата се очекува по Нова година, иако првично процените беа дека ќе стасаме тоа прашање да го заокружиме пред новогодишните празници. По Нова година ќе се отвори и прашањето за ветинг, а можно е токму прочистувањето во правосудството и, можеби во политиката, да биде и заедничката платформа доколку Алијанса одлучи да стане дел од власта – вели функционерот на СДСМ.

Еден месец по средбата меѓу Ковачевски и Таравари во Владата, на која двете страни тврдеа дека не се разговарало за влез во власта, но неофицијално понуда имало, според функционерот на СДСМ, се очекува премиерот да ги забрза преговорите со понуда до Таравари, односно освен усогласување на заедничка платформа, да се конкретизираат и ресорите што ќе ѝ бидат понудени на Алијанса.

Таравари, пак, меѓу приоритети на партијата што ја предводи ги промовира борбата против корупцијата и реформа на правосудството. Ова навестува дека ветингот може да биде еден од столбовите на платформата со која Алијанса би станала дел од мнозинството. Владините партнери СДСМ и ДУИ веќе најавија дека ќе подготват закон за ветинг за прочистување на правосудството и на избраните и именуваните функционери.

– Првичен таргет ќе биде ветинг во судството и во обвинителството. Иако оставивме простор самото да се реформира, судството и обвинителството покажа дека нема сили или волја самото да се прочисти. Допрва ќе видиме дали ќе има ветинг и за политичарите – вели функционерот од СДСМ.

Таравари, пак, оцени дека државата капитулирала пред криминалот и корупцијата поради примерот со ослободувањето на осудените за случајот со масовното прислушување на граѓаните. Според него, покрај корумпираните политичари, мора да се исчисти и правосудниот систем.

– Дополнително, итно е потребна целосна реформа на правосудниот систем. Ова го вклучува законот за проверка на судиите и обвинителите, формирањето на специјални судови против корупцијата и организираниот криминал, односно интегрирање на првата и втората инстанца во институционален чадор, создавање на советот за судски назначувања и високиот инспекторат за правда – рече изминатиот викенд Таравари.

Сепак, освен платформата, јасно е дека за Алијанса да стане дел од власта, битна ќе биде поделбата на владиниот колач. Неофицијално, Алијанса нема да влезе во Владата ако не добие три министерски места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот