Илустрација / Фото: Pixabay

Вештачко затемнување на Сонцето на секои 20 часа? Две вселенски летала го постигнаа невозможното

За едно затемнување на Сонцето, иако вештачко, потребни се два сателити. Како дел од мисијата „Проба-3“ на Европската вселенска агенција (ESA), две вселенски летала во орбитата околу Земјата почнаа да симулираат целосно затемнување на Сонцето, со цел подобро разбирање на надворешната атмосфера на Сонцето – короната.

Првите успешни слики беа објавени на 16 јуни, на кои се гледа како еден сателит прецизно го блокира Сонцето од другиот, создавајќи совршено вештачко затемнување.

„Беше неверојатно. Короната беше видлива без никаква дополнителна обработка на сликата, исто како за време на природно затемнување“, рекол физичарот Андреј Жуков од Кралската опсерваторија во Брисел, еден од научниците вклучени во проектот.

За време на тест фазата на мисијата, сателитите досега предизвикаа девет вештачки затемнувања, а целта е да се постигнат две такви затемнувања неделно, објавува „Саенс њуз“.

За да се создаде секое затемнување, вселенските летала се порамнуваат на околу 150 метри, при што едниот фрла прецизна сенка на другиот, кој потоа снима податоци за короната. Максималното растојание од Земјата што го достигнуваат за време на нивната орбита е 60.000 километри, што е исто така точката во која се најблиску до Сонцето.

Короната, која достигнува температури до милион степени Целзиусови – речиси 200 пати поголема од површинската температура на Сонцето – ги збунува научниците со децении.

Одговорите на прашањето зошто е толку жешка би можеле да лежат токму во нејзиниот среден слој, кој може да се набљудува само за време на целосно затемнување.

Додека природно целосно затемнување на Сонцето некаде на Земјата се случува во просек на секои 18 месеци и трае само неколку минути, „Проба-3“ ќе може да го прави тоа на секои 20 часа, со можност секое вештачко затемнување да трае до шест часа.

Мисијата започна од Индија на 5 декември 2023 година и се очекува да произведе повеќе од 1.000 часа вештачки затемнувања во текот на следните две години.

Прикажаните слики прикажуваат различни слоеви на короната, вклучувајќи ги и оние што емитуваат светлина од атоми на железо и хелиум, вештачки обоени за подобра видливост.

Техниката овозможува невиден увид во сложената структура и однесување на короната на Сонцето, а со тоа и чекор поблиску до разбирање на динамиката на ѕвездата што го овозможува животот на Земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот