Велика Британија: Нови штрајкови на вработените во железницата, граѓаните предупредени да не патуваат

Британска железница/ Фото Niklas HALLE'N / AFP / Profimedia

Десетина илјади вработени во британската железница повторно стапија во штрајк барајќи повисоки плати и подобри услови за работа. Само еден од пет возови денеска сообраќаат поради штрајкот, што според најавите ќе трае цела недела.

Граѓаните, кои денеска се враќаат на работа по божиќните празници предупредени се да не патуваат поради штрајкот.

Членовите на Синдикатот на железницата, поморството и транспортот денеска, утре, петок и сабота штрајкуваат, а машиновозачите на синдикатот Аслеф (Здружение на машиновозачи и пожарникари) ќе штрајкуваат в четврток. Многу места, вклучително и голем дел од Шкотска и Велс, воопшто немаат возови.

Министерот за транспорт Марк Харпер ги повика синдикалните лидери на преговарачка маса, истакнувајќи дека Владата понудила „многу фер понуда за платите”. Синдикалниот лидер Мик Линч истакна дека официјалните лица не дале никакви нови предлози и ја обвини Владата за блокирање на договорот.

Вработените во железницата, како и другите од јавниот сектор, тврдат дека платите не се во согласност со енормното зголемување на трошоците за живот. Инфлацијата во Велика Британија достигна највисоко ниво од 11,1 отсто во изминатите 41 година.

Во декември за повисоки плати штрајкуваа болничарите, возачите на брза помош и автобуси и поштенските работници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот