Драган Вучиќ низ годините / Фото: Скриншот/Јутјуб

Вечна му слава: Пет години од смртта на Драган Вучиќ

Пред пет години, на денешен ден нѐ напушти Драган Вучиќ, еден од најквалитетните македонски композитори и човекот којашто повеќе децении ја забавуваше македонската јавност со своите телевизиски емисии.

Драган Вучиќ е роден во 1955 година, во Скопје. Потекнува од музичко семејство, а неговиот татко беше член на националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“. Тој беше во среќен брак со сопругата Весна, која е ќерка на легендарниот гајдаџија Пеце Атанасоски. Нивниот син Мартин Вучиќ е, исто така, музичар и моментално е директор на „Танец“.

Вучиќ ја стекна својата популарност како музичар во групата „Тавче гравче“, а потоа беше член и на групата „Македонија“ и на поп-фолк групата „Кода“. Во деведесеттите години на минатиот век, тој ја започна своја солистичка кариера и испеа неколку народни песни кои беа големи хитови – „Твојте очи шараат“, „Ника, ника“, „Кате, мори Като“ итн.

Беше автор на повеќе песни кои оставија белег на македонската музичка сцена, меѓу кои и „Свирете ја ‘Зајди, зајди’“, „Ангели ме носат“ и „Кажи ѕвездо“. Исто така, тој е композитор на песната „Ти си сон“, со која неговиот син ја претставуваше Македонија на Евровизија во 2005 година.

Покрај музичката кариера, Драган Вучиќ беше водител на повеќе телевизиски емисии на македонските телевизии, а најпопуларно беше музичкото натпреварување „Вашите пет минути“.

Музичарот и водителот боледуваше од рак на белите дробови, а неговата состојба се усложни откако се зарази со коронавирусот во април 2020 година. Вучиќ почина на 64-годишна возраст, на инфективната болница во Скопје.

Вечна му слава!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот