Веапоска: Седум месеци чекам супервештачење – ако нешто на лекарите не им е јасно, нека ме стават на ехо и ќе видат дека немам органи

Седум месеци судско-медицинскиот одбор при Медицинскиот факултет во Скопје го нема завршено супервештачењето од кое зависи иднината на предметот за родилката Јалдз Веапоска која ги загуби матката, јајникот и бубрегот при царски рез во струшката болница. Одборот за судско-медицински вештачења е формиран од наставно-научниот совет на Медицинскиот факултет.

– Го чекаме супервештачењето да заврши, за да се донесе одлука од страна на судот. Но, седум месеци е предолг период.

Токму од тој извештај на судско-медицинскиот одбор зависи мојот случај. Има време додека да застари предметот, ама како што е тргната работата, нема да бидам изненадена и тоа да е стратегијата.

Кога се обраќам во судот во Струга да прашам кога е следното рочиште каде сум оштетена, ми велат дека не е стигнат извештајот од супервештачењето, па затоа не можат да закажат ново рочиште.

Ова прави да се чувствувам лошо и ми ја одзема и таа сила што ја имам – вели за „Слободен печат“ Јалдз Веапоска.

Таа додава дека ако лекарите не можат да заземат заеднички став околу нејзината состојба, треба само да ја повикаат и да ја постават на ехо-апарат.

– Доказ за тоа што е направено, сум самата јас.

Прво, треба да ме гледаат мене. Кој доктор и да ме викне да ми направи ехо, ќе знае дека немам органи. Чекам да го добијам правно, тоа што го заслужувам.

Малку ми беше што останав без органи, па сега треба да се грижам и дали психички ќе бидам во ред чекајќи правда во оваа држава.

Но, нема да се откажам, јасно е дека иднината на мојот предмет е Стразбур и Судот за човекови права – додава таа.

Нејзиниот сопруг, Гафур Веапоски вели дека исчекувањето и спората правда целото семејство исклучително тешко ја поднесува.

– Ова е трауматично за целото семејство. Цело време сме во исчекување. Не знаеме како ќе заврши ова, но благодарение на нашите закони и „перфектниот систем“ може да застари делото.

Зошто тие што треба, не бараат супервештачењето ургентно да се изработи? – прашува тој.

Адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев, за „Слободен печат“ вели дека ќе поднесе ургенција до Судот како полномошник на оштетената, но рацете му се делумно врзани, затоа што тој не е странка во постапката, туку обвинението го застапува јавен обвинител. За Јанев е чудно што јавниот обвинител застапник на обвинението не бара одговори зошто супервештачењето е заглавено и не е изготвено.

– Седум месеци се предолг период за вака сериозен предмет.

Јавниот обвинител треба да праша зошто 7 месеци ова не е завршено бидејќи тој е застапник на обвинението.

Јас моето како полномошник на оштетената ќе го завршам и ќе им испратам ургенција во судот, но главните прашања треба да ги поставува обвинителот во врска со тоа зошто 7 месеци работата стои во место – вели адвокатот Јанев.

За трите извадени органи на Веапоска кои беа извадени за време на царски рез – матката, јајникот и бубрегот, на обвинителна клупа се тогашниот директор на струшката болница доктор Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и докторката Лилјана Јованоска.

За да се утврди дали органите биле извадени поради лекарска грешка, беше извршено вештачење што го побара јавниот обвинител и вештачење што го побараа обвинетите, а го заврши професорот Драге Дабески. Вештачењето побарано од Обвинителството и извршено од професори од Институтот за судска медицина покажа дека влошувањето на состојбата на Веапоска е директна последица на постапувањето на лекарите, а она на Дабески – дека обвинетите лекари не направиле пропуст туку наводно ѝ го спасиле животот.

Поради овие спротиставени вештачења, мораше да се донесе одлука да се спроведе супервештачење, но тоа претставуваше и моментот во кој постапката се „закочи“ и седум месеци не може да се формира судско-медицинскиот одбор. Затоа предметот е во лимбо.

Родилка од Дебар доживеа хорор во болница: Ми извадија три здрави органи без да ми кажат

ВИДЕО | Двајца судии и обвинител дочекаа пензија, Веапоска правда за извадените органи-не!

Јалдз Веапоска: Лекарите ме направија инвалид и половина човек, а нивниот вештак тврди дека ми го спасиле животот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот