Вчерашното невреме ги дотепа јаболката, ќе ги има малку и со лош квалитет

Годинешниов јаболкобер, според сегашните процени на овоштарите, ќе донесе само една третина од ланските количини. Јаболкниците многу ги погоди болеста „краста“ поради големата влага, а дополнителен удар имаше невремето од петокот

Силното невреме што вчера го зафати Преспанскиот регион, донесе дополнителни штети на насадите со јаболка. Овој регион беше зафатен со град пред неколку месеци, а големи проблеми донесе и огромната влага, која вообичаено е придружена со низа болести на јаболкниците. Овоштарите велат дека годинава ќе има многу малку јаболка, некаде само една третина во однос на минатогодишниот род, но и квалитетот ќе биде слаб. Сепак, тие не се плашат дека нема каде да ги пласираат затоа што во земјава се изградија повеќе производствени капацитети што редовно бараат јаболка.

Фросина Ѓоргиевска е производител на јаболка од Ресен, која за „Слободен печат“ раскажува дека вчера имало силен ветер, дожд, а некаде и град на околу 40 отсто од површината на Преспанскиот регион.

– Веќе имавме едно невреме во јуни, а сега освен регионот што веќе беше зафатен со тоа невреме, има и нов регион што настрада, особено делот од Подмочани до Асамати. Ова е дополнителен удар на неповолната влага што донесе многу болести кај овошките – вели Ѓоргиевска.

Општина Ресен објави јавен повик за пријавување штети од невремето, а пријавувањето е од 29 август заклучно со 7 септември.

– И ние сега согледуваме колкави се штетите, но јасно е дека тие се големи – коментира Ѓоргиевска.

Стевче Радевски, овоштар од Царев Двор, вели дека за разлика од порано кога имало години кога не знаеле што да прават со јаболката, сега веќе состојбата е сосема поинаква – сега тие немаат јаболка, а има побарувачки капацитети.

– Климатските промени ги намалуваат количините на јаболка. Годинава дали ќе има 30.000 до 40.000 тони јаболка – што индустриски, што сортни. Во меѓувреме се изградија многу индустриски капацитети за преработка на јаболката и сега инвеститорите имаат проблем со набавка на суровина. Така, пласман имаме, но нема да имаме доволно количини – вели Радевски.

Тој вели дека производителите на јаболка немаат договори со преработувачите и да се зборува за цената би било шпекулација, но очекува таа да биде задоволителна.

– Мислам дека понудата и побарувачката ќе си го направат своето и цената ќе се стабилизира на едно ниво – оценува Радевски.

Ѓоргиевска очекува дека пресудниот збор ќе го имаат трговците, кои обично ги прават договорите како со домашните така и со странските купувачи.

– Ние немаме увид во нивните договори. Може да се случи да не можеме да одговориме на нивните барања во однос на количините, а тие може да бидат изложени на казнени пенали. Цената ќе зависи од побарувачката, ако е поголема од понудата, и цената ќе оди нагоре – објаснува Ѓоргиевска.

Радевски вели дека нивните овоштарници годинава најмногу настрадале од големата влага што се појави поради обилните дождови, која ја донесе болеста краста кај јаболкниците. Но, и дека покрај климатските промени, овоштарниците „се тенчат“ и поради тоа што нема кој да ги работи.

– Има сè помалку овоштари. Младите не го сакаат земјоделството, оваа работа ја работат само возрасните, но дел од нив веќе не можат да работат и се откажаа – вели Радевски.

Тој ја гледа вината и во државата што низ годините дозволи интересот кај младите да се загуби за земјоделието.

– Надлежните во државата често презентираат податоци за помош во овоштарството, но јас, како човек што долги години е во оваа дејност, ќе ви кажам дека таа помош е капка во она што требаше да се направи – тврди Радевски.

Преспанскиот регион располага со приближно 4.000 хектари јаболкови насади, кои во минатите години имаа просечно годишно производство на јаболка од 100.000 тони.

Климатските промени стануваат сè поизразени, но земјоделците малку вршат осигурување на посевите, овошките и на родот. Сепак, како што изјави за „Слободен печат“, Александар Мусалевски, раководител во Министерството за економија, земјоделците од Ресен, Неготино, Кавадарци и од Росоман најмногу вршат осигурување.
Државата субвенционира 60 отсто од осигурителната полиса. Но, земјоделците имаат многу поплаки, а стигале и до Министерството за земјоделство.

– Ми се јави еден земјоделец за да алармира дека осигурителните компании годинава не го покриваат осигурувањето од град и од мраз! Тоа ги одврати и оние земјоделци што осигуруваа, тоа да го направат. Но, и самите осигурителни компании не се многу заинтересирани за земјоделско осигурување. Од 11 осигурителни компании, само четири имаат вакво осигурување – објаснува Мусалевски.

Токму поради овие проблеми, на предлог на Министерството за земјоделство се стокми Законот за задолжително земјоделско осигурување. Законот речиси една година е во Владата, а треба да овозможи формирање државно тело, таканаречен Осигурителен пул, преку кој ќе оди задолжителното осигурување. Тоа во првите три години би било бесплатно затоа што ќе се финансира со европски пари од Зелениот климатски фонд, а потоа полисите би требало да бидат по прифатливи цени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот