
Важно е да се учествува – во политиката!
По крајот на спортската кариера, спортистите низ светот вообичаено влетуваат во тренерски води, прераснуваат во спортски работници, менаџери, агенти или отвораат бизниси, ресторани или кафулиња. Во Македонија спортската пензија често значи и почеток на политичка кариера, односно објавување припадност кон политичка партија, по што следува речиси обврзувачка кандидатура на избори.
Препорачано
Зошто е тоа така? Не го знам точниот одговор на прашањето зошто македонските спортисти попрво одат во политика отколку да останат во спортот. Можеби затоа што по правило политичари ни ги водат спортските федерации? Можеби. Секако дека има и исклучоци, односно спортисти што откако ќе ги „закачат копачките на ѕид“, потоа успешно продолжуваат да егзистираат во спортот, сепак, алармантно е висока бројката на наши бивши спортисти што решаваат да се пробаат во политиката.
Прославениот кошаркарски тренер Марин Докузовски, како и поранешните македонски репрезентативци Ѓорѓи Чековски и Тони Симиќ, заедно со фудбалската легенда Љупчо Марковски Калц се последните примери на спортски пензионери, кои својата иднина ја гледаат во политиката. Нивните имиња се најдоа меѓу носителите на советничките листи на Движењето ЗНАМ, за претстојните локални избори.
Многумина ќе кажат тука нема ништо спорно, тие се граѓани на оваа држава и жители на своите општини. Тоа е точно, велам јас, никому не смееме да му забраниме да се кандидира на која било функција. Но, постојат изгледни шанси сите овие бивши спортисти, бидејќи се носители на советничките листи, по изборите да бидат дел од советите на општините каде што се кандидирани. Тоа може да е резултат на рејтингот на партиите што ги застапуваат, а можеби и поради нивната лична популарност.
Сепак, не слушнав јавно, од Чековски на пример, за неговиот став околу атмосферската канализација во Општина Бутел. Или Докузовски да го каже своето мислење за јавниот превоз во Скопје, а не слушнав да каже нешто и за Карпош каде на претходните избори беше носител на листата на СДСМ. Постојат реални шанси Калц да „заигра“ во Советот на Општина Аеродром, а Симиќ во Кисела Вода. Не ја слушнавме ниту „визијата“ на двајцата поранешни спортисти околу тоа како сакаат да им изгледаат општините во коишто живеат. Ништо! Ниту еден збор испратен кон гласачите. А и веројатно нема потреба за тоа. Тие се спортисти и не се вешти во комуникацијата. Ама затоа имаат неизвалкани со политика биографии, што на политичарите што ги кандидираат, им дава шанса во советите по општините да протнат и по некој од своите, односно од редот на политичарите, кои за волја на вистината не располагаат со така „чисти“ биографии и неизвалкани образи. Гласачите ќе гласаат за Марин или за Тони, а не за вториот или третиот од листата.
Да не бидам погрешно разбран, не мислам дека проблемот е во споменатите четворица. Тие дури се и најмалку виновни за овој негативен тренд, кој е само дел од општиот тек на естрадизација на политичката сцена, што е глобален тренд. Но, ние да се задржиме на овие наши простори, во нашата татковина.
Меѓу првите спортисти што се преселија во политиката беа Зоре Темелковски и Васил Рингов, и тоа за парламентарните избори во 1994 година. Просечниот кошаркар Темелковски се најде во директен судир со несудениот политичар Рингов. За среќа, вториот ја загуби изборната трка. Ние, фудбалските вљубеници, ќе го паметиме како вардарова легенда, а не некој таму политичар што кревал рака во Собрание, по наредба на партискиот лидер.
Неколку години подоцна се случи и тоа: легенда стана „партиски послушник“, кога Петар Наумовски стана пратеник во Собранието. И тогаш вратата за влез на спортистите во политиката нашироко се отвори. Десетици наши спортисти станаа пратеници, советници, министри, заменици министри, советници на премиери и на претседатели. Сите со неизвалкани биографии и чисти образи.
Не би било лошо на политичарите да им се забрани да бидат на чело на спортските федерации и да им отворат простор на спортистите да се занимаваат со спорт за да не мора лебот да го заработуваат во политика.