Вашингтон ја повика Приштина да го промени пристапот „земи или остави“

Габриел Ескобар во Скопје, Македонија
Габриел Ескобар / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Време е за нов пристап на партнерите во рамките на дијалогот меѓу Србија и Косово, изјави заменикот-помошник државен секретар на САД Габриел Ескобар, со оценка дека по новиот неуспех на разговорите меѓу Белград и Приштина, пристапот треба да го менува страната која постапува по принципот – земи или остави.

– Конкретно мислам на Владата на Косово. Јасно им е кои се нивните обврски. И мислам дека изјавата на (шефот на европската дипломатија Жозеп) Борел беше многу јасна. Ние продолжуваме да ја охрабруваме Србија да биде конструктивна и трпелива. Продолжуваме да бараме од неа да не прави ништо што придонесува за дестабилизација на Косово. Мора да продолжиме да работиме на дијалог. Нема друга алтернатива за регионот освен европската интеграција, истакна Ескобар во интервју за Гласот на Америка.

Тој додаде дека не прифаќа критики на сметка на посредникот во разговорите, дипломатот Мирослав Лајчак.

– Лајчак ја ужива целосната доверба на Европската Унија и САД. По пропаѓањето на разговорите, 27 земји членки на Европската Унија јавно му изразија поддршка на Лајчак. Значи, тоа е нешто со што тој (Курти) ќе мора да се справи. Лајчак и дијалог нема да исчезнат. Земја од милион и пол жители нема да ја убеди трансатлантската заедница со 700.000.000 луѓе да ја смени тактиката, рече Ескобар – додавајќи дека е потребен попрагматичен пристап на Владата на Косово.

– Морам да додадам уште нешто. Во текот на минатата недела ме вознемири информацијата дека Лајчак е цел на напади на социјалните мрежи во Косово. Ги замолив претседателката (Вјоса) Османи и премиерот Курти да ги осудат. Не велам дека доаѓаат од редовите на Владата на Косово, но потребно е јасно да се истакне дека нападите од лична природа врз специјалниот пратеник се неприфатливи, прецизира Ескобар.

Во врска со тоа што Србија повторно не се усогласи со казнената политика на западните сојузници кон Русија – Ескобар посочи дека таа земја не треба да биде, како што рече, странец во европското семејство.

– Ќе кажам дека сметаме дека Србија треба да воведе санкции. Таа нема законска обврска да го прави тоа и очигледно е дека е држава која самостојно ја спроведува својата надворешна политика. Така, тоа е она што постојано го пренесуваме и ќе го повторам, истакна Ескобар – кој, како што наведе, се уште не разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, поради згуснатиот распоред.

– Се надевам дека ќе се видиме во текот на неделата, додаде Ескобар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот