Утрото, по трагедијата: Време за љубов и неверување

Арсим Зеколи. / Фото: Дојче веле

Господ нѐ создал и нему ќе му се вратиме.

Со овие традиционални зборови на утеха ги испраќаме починатите и ги тешиме наследниците. Во ова траорно утро, не знаеме пред колку домови веќе се ставени столчиња со слика, на колку ѕидови висат слики со црна лента на тага. Колку дечиња се расонуваат збунети од глетката на расплакани возрасни, колку возрасни се обидуваат да дишат помеѓу бранови на плач, престрашеност, шокираност, гнев, надвиснати над бездната на болка до лудило. Ним, од срце и душа им посакувам час поскоро да си го најдат мирот во умот, желбата за живот и верба за средба во рајот со нивните најсакани.

Секоја несреќа е трагедија. Но очајна трагедија е кога е проткаена со агонија на болна, мачна, ужасна разделба од светоста на животот низ секунди и минути кои траат и отчукуваат бескрајно. И живеат во сеќавањето на сведоците на криците од т.н. болница во Тетово. Ни тие самите, камоли ние далечните, не би можеле да со зборови ги опишеме чувствата што ве обземаат додека немоќно следите, слушате, чувствувате како згаснува животот на десетици човечки суштества. За разлика од нас, исполнети со гнев на справедливост, утрово на овие сведоци на трагедијата е исполнето со скршеност и обиди да се процесираат сцените и звуците на минатата ноќ. За нив, денеска е само првиот ден на петте сцени на соочување со смртта – одбивање на реалноста, лутина, ценкање, депресија и прифаќање на неминовното. Гневот е прерогатив за нас, набљудувачите од дистанца и семејно, пријателски, познанички неповрзани со агонијата. Упатно е во нашиот гнев, сепак, да најдеме место за пиетет за оние кои немаат сила да ни се придружат во таквиот гнев.

Да бидеме достоинствени

Упатно е и во овој час на траор да си признаеме – во себе, ако не веќе и јавно – дека и засегнатите одговорни лица не се рамнодушни, незасегнати, имуни од болката на средината што ја споделуваат. Цврсто, непоколебливо верувам дека и Заев и Филипче, и Теута, и Али, и Христијан и Села се потресени и тажни како јас, како ти и оној што гласно тврди поинаку. Слушавме синоќа и ќе слушаме допрва изјави полни со жолч вперен на нивна адреса, нивни таргетирања како монструми, бесчувствителни суштества.

Но колку што е грев да се изгубат човечки животи, нечовечки е да ја негираме, ништиме човечноста на живите, врз кои и онака тежи крстот на одговорноста. Барем денов, кога десетици души лебдат над нас во исчекување на вечниот мир, да се обидеме да ги испратиме со здружена љубов кон заминатите, незагадена од бес и омраза на нас, останатите. Сѐ што велам е, да бидеме достоинствени.

Каде е нашата вина?

Бидејќи и онака нема да ја избегнеме одговорноста. Многумина би сакале таа одговорност да биде поединечна, селективна. Струполена врз едно, две, три имиња низ кои ќе си ја олесниме тежината на душата и совеста. Дали ќе има извршно-политичка одговорност? Верувам и се надевам. Дали ќе има законски санкционира одговорност?

Сакам да верувам, но не се надевам. Дали ќе има морална одговорност? Погледнете се во огледало. Се надевам дека ќе видите убав лик. Но, барем на секунда, замислете си го лицето пеплосано, изгорено, со отворени рани изобличено. Тогаш можеби ќе разбереме дека сопствената морална совесност е предуслов за сите други одговорности.

Нашата морална совесност е широко присутна низ социјални мрежи, кафеански муабети и дебатни емисии. Но не толку во заокружување на имиња во часот на избори. Во тој единствено битен час на докажување на сопствената, лична етика и чувство за одговорност, нашата морална вертикала станува лабилна, порозна. Па, така, иако интимно знаеме дека тој или таа личност е недостојна за функцијата, спремни сме поради оваа или онаа групна определба да дадеме предност на рационалното соучесништво во корозијата. И со тоа да станеме неодговорни соучесници и изговор за последиците кои неминовно ќе уследат. А кога ќе уследат, тогаш е цинично да ја струполиме вината врз носителот на одговорноста, криејќи ги сопствениот удел во неговото носење до истата. Буквално, врз наши раце и со сопствени прсти.

Крах на комуникацијата

Во Тетово се случи она што можеше да се случи и во Пробиштип, Берово, Струга, Кочани, Дебар, во секој диспанзер, болница, амбуланта за обични луѓе, смртници, граѓани без врски и познанство. Институции од кои нема голем ќар, профит, наменети за средните и ниски слоеви кои редовно ја плаќаат сметката на нееднаквоста во општеството. Неполн час по објавувањето на веста за трагедијата, пред очи веќе струеја реки информации за пропустите, за неквалитетот на објектот, за опасноста што виреела и само чекала искра за да пламне.

Но колку повеќе ги читав информациите, толку повеќе се составуваше сликата за целосниот крах на комуникациите во нашето општество и држава. Некои меѓу нас знаеле, алармирале и предупредувале, одговорно и немоќно. Некои од нашите медиуми знаеле, но информирале онака, внимателно за да не се растревожат партиските газди. Некои од политичарите знаеле, но чекале да поминат анкетите, кампањите, изборите. А сите ние заедно, знаевме, толериравме, изговори баравме и наоѓавме, премолчувавме. За да не се замериме. Така беше пред трагедијата, секоја трагедија.

Дали медиумите ќе се откажат од наоѓање изговори за одговорните од блиската опција? Дали политичарите ќе одолеат на поривот за флоскули „оваа трагедија нѐ зближи, оваа трагедија укажа на пропусти, оваа трагедија потврдува дека се нужни реформи”? Дали ние, граѓаните, ќе постапуваме поинаку во соочувањето со сопствениот удел во трагедијата? Би сакал да кажам дека сѐ уште веруваме. Но по сите искуства со злоупотребата на вербата како наивност, не преостанува друго освен – да не веруваме.

 

Преземено од Дојче Веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот