Успехот во борбата против верскиот екстремизам е во заедништвото

Фото: МВР уапси тројца припадници на ИСИС/Фото: МВР

Во услови на глобални безбедносни потреси како последните меѓу Израел и Хамас ниту една земја не е заштитена од продорот на тероризмот и радикалниот екстремизам на свое тло. Особено земјите како Македонија, кои се поранливи поради мултиетничноста и мултиконфесионалноста од една, како и поради опасностите од маргинализација и нерешени егзистенцијални прашања на одредени категории граѓани, од друга страна. Имајќи го на ум сето ова но и предупредувањата за растот на радикалните верски структури во регионот, неопходно е да се преземаат сите мерки со кои државата ќе ја гарантира безбедноста на граѓаните.

Вака накратко експертите за безбедност ги коментираат последните изјави и предупредувања кои беа пласирани во домашната јавност од страна на поранешниот министер за внатрешни работи а сега претседател на Демократски Сојуз Павле Трајанов кој посочи дека стравува од насилство и верски екстремизам во земјава по последните случувања во Израел.

-Можни се форми за радикализација на терористички организации. Нашиот систем за следење на комуникациите нема кој да го раководи. Во овие ситуации, се користат сите системи за да не дојде до ваков настан. Треба да се направиме, првин преку медиумите, партиите, верските заедници да делуваме на одвраќање на вакви активности, посочува лидерот на ДС за опасноста од верски екстремизам и лицата што биле дел од боиштата како дел од странска парамилитарна војска.

Експертите за безбедност велат дека, меѓу другото, Балканот но и Македонија е атрактивен за регрутирање терористи и поради европската физиономија на населението, кое како што велат, „толку не боде очи“, како луѓето со арапски или азиски изглед.

Воено политичкиот аналитичар Милан Стефановски во изјава за „Слободен печат“ истакнува дека во Македонија која е мултирелигиска држава постои сожителство и признавање на потребата на другиот да ја искажува својата религија и да ја практикува. Сепак, тој појаснува дека општеството не е имуно на странски пропаганди кои во минатото се покажаа како успешни кога стануваше збор за регрутирање на борци од земјава за потребите на ИСИС во Сирија и Ирак.

Милан Стефановски – политиколог / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

„Меѓутоа овие процеси што се случуваат пошироко во нашето опкружување во Европа, особено ова што се случува со верскиот екстремизам на Блискиот Исток не може да не се почувствува и тука кај нас во Македонија. Особено тука зборувам за одредени припадници на исламската верска заедница, кои што поттикнати од одредени религиозни чувства размислуваат да се упатат на боиштата на Блискиот Исток и таму за одредени верски мотиви се подготвени да се борат и да го загубат и својот живот“, вели Стефановски.

Според него, тие процеси немаат некоја силна димензија и тука е важна улогата на верските заедници во земјава но и меѓурелигискиот дијалог.

„Одредени елементи понекогаш може да направат голема штета. Одредени непромислени изјави од страна на верските лидери или политичарите можат да ги заострат односите и оттука треба државата и понатаму да води сметка и да посветува соодветно внимание на ова прашање“, вели Стефановски.

Слично како и Стефановски размислува и Пецо Трајкоски, безбедносен експерт. Според Трајкоски тековниот конфликт меѓу Израел и Хамас и неговата потенцијална ескалација може да има значително влијание и надвор од регионот. Како што објаснува Трајкоски не смееме да заборавиме дека во Македонија и во регионот има значително муслиманско население кое секогаш сочувствува со Палестинците, а тоа доколку биде под надворешно влијание може да допринесе да има одредени индивидуални акти на насилен екстремизам во земјава.

Пецо Трајкоски – Безбедносен аналитичар

– Не смееме да заборавиме дека и во Македонија има плодно тло и беше извор на многу борци во редовите на ИСИС, но и предмет на влијание на различни радикални струи. Државата во овој случај треба да делува превентивно и да зборува со сите чинители кои може да помогнат во спречување на потенцијални напади и преземање на радикални чекори во општеството, преку верските заедници, училиштата, политички партии и слично – посочува Трајкоски

Како ќе ескалира ситуацијата во Газа ако се случи инвазија од страна на Израел и до светот почнат да допираат слики од убиени цивили, според Трајкоски би било очекувано и можно да се случуваат одредени  индивидуални акти на насилен екстремизам во регионот но можеби и земјава.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот