УНИЦЕФ: Наставниците масовно учествуваа на вебинари за поддршка на дигиталното учење

Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Во изминатите три месеци УНИЦЕФ, Бирото за развој на образованието и Смарт ап поддржаа единаесет вебинари за зајакнување на капацитетите на наставниците, воспитувачите и другите практичари во образованието, на теми поврзани со примена на иновативни методи на настава со фокус на дигитални алатки и дигитално учење. Над 23 000 учесници присуствуваа на сесиите реализирани преку платформата за учење Едуино.

Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава соопшти дека со фокус на размена на најдобрите практики помеѓу наставниците и совети од колегите, вебинарите опфатија теми како: формативно оценување во услови на хибридна настава, презентација на моделот „превртена училница”, подготовка на интерактивна и асинхрона настава, креативно учење преку игра и користење дизајнерски приоди како метод на настава.

Во услови на повисок ризик децата да го напуштат образованието поради затворање на училиштата за време на КОВИД-19, вебинарите исто така им претставија на наставниците вовед во рамка за откривање и давање поддршка на децата што се во ризик да го прекинат своето образование.

– Наставниците се движечката сила зад закрепнувањето на образованието од КОВИД-19. Затоа тие мора да одржуваат чекор со новите случувања во образованието, да изградат капацитет за прилагодување и да иновираат под отежнати услови, како и да добијат пристап до ресурси за стручно усовршување. Нивната позитивна реакција на онлајн курсевите и средбите за групно предлагање решенија покажува дека можеме заеднички да осмислиме поиздржлив образовен систем по кризата со КОВИД-19, изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Покрај зајакнувањето на можностите за стручно усовршување преку вебинари, онлајн курсеви и конкурси за групно предлагање решенија (краудсорсинг), тековната програма Едуино, наведува Канцеларијата на УНИЦЕФ, опфаќа и финализирање на национална библиотека со видеолекции, изработка на национална збирка на учебни материјали што ќе служи како едношалтерски систем за дигитални материјали, проширување на конкурсот Едуино Gameathon и зголемување на групата и програмата на Едуино амбасадори.

Вебинарите беа поддржани од иницијативата на УНИЦЕФ финансирана од регионалната програма на Европската Унија „Ублажување на влијанието на КОВИД-19 врз животот на децата и родителите во регионот Западен Балкан и Турција” во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а беа реализирани од Смарт ап – лабораторија за социјални иновации.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот