
Учениците на грбот носат и до 10 килограми тешки ранци: Родители, внимавајте на „правилото 10 отсто“
Први септември не може да се замисли без возбудените лица и радосните вресоци на учениците. Нови другари, торби полни со нови книги… сето тоа за нив е предизвик.
Препорачано
Притоа, родителите на учениците ќе треба да одвојат цело богатство за училиштна опрема, а на крајот тоа, буквално, ќе падне на слабиот грб на децата, чии тела растат и се развиваат.
Американската академија на педијатри препорачува ранецот на вашето дете да не биде потежок од 10 до 15 отсто од неговата телесна тежина. На пример, ако станува збор за дете тешко 36 килограми, неговиот ранец не треба да тежи повеќе од 5,5 килограми. Носењето премногу тежина на грбот може да предизвика болка, да доведе до сериозни повреди и да влијае на држењето. Децата може да претрпат повреди на зглобовите, грбот, односно на ‘рбетот, мускулите, вратот и рамената од премногу тешки ранци.
Истражувањата покажуваат дека 65 отсто од болките во вратот и рамениот појас кај децата и 35 отсто во лумбалниот дел на ‘рбетот настануваат како последица на тешките торби и ранци, велат физиотерапевтите.
Според нив, ранецот мора да биде цврст, да има широки ремени, а детето задолжително да ги користи двата ремени. Пожелно е да користите и ремени за фиксирање околу половината, а се советува и рамномерно да го наполните ранецот, а потешките предмети да ги ставите поблиску до ‘рбетот. Исто така, научете ги децата да ги креваат ранците така што прво ќе ги свиткаат колената во широк став и ќе се воздржат од свиткување на грбот при кревањето.
Меѓутоа, и покрај „правилото 10 отсто“, учениците од пониските одделенија во торбата носат во просек по десет книги. Тука се и футролата со моливи, фломастери, боички, линијари… Потоа ужина, шише вода, во некои денови и патики и пресоблекување за час по физичко.
Експертите препорачуваат децата да се занимаваат со физичка активност со цел нивното тело да се развива здраво, а зајакнувањето на мускулите ќе помогне и при носење тежок ранец.
Нерамномерното оптоварување на ‘рбетот предизвикува најмногу штета, ранецот треба да има анатомски дел на грбот и тежината да се распореди рамномерно така што ќе се носи на двете рачки. Денес постојат ранци на тркала, кои може да се влечат, што може да биде олеснување за најмалите.
Ранците на учениците до четврто одделение тежат од три до седум килограми, додека од петто таа тежина не е помала од седум килограми. Некои ранци достигнуваат тежина и до дури 10 килограми.