Убавината на демократијата е во директниот глас на граѓаните

Фото: МИА

Барањето за избор на претседател на државата во Собрание, исто како и барањето за албанскиот јазик, е формулација што повеќе служи за провокација и популизам отколку што е суштина во секојдневието на Македонецот и на Албанецот. Време е да ја оставиме идентитетската политика зад нас, особено кога таа е негувана од политичките партии, вели за „Слободен печат“ политикологот Иво Ранѓеловиќ.

Албанскиот политички фактор не се откажува од намерата да ја наметне темата за избор на претседателот на државата во Собранието наместо на непосредни избори, но македонскиот политички блок и вчера јасно стави до знаење дека за таква реформа не може да стане збор. Пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски го повтори партискиот став дека не треба да се уназадуваат демократските процеси, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека ДУИ со таа тема прави дефокус од вистинските проблеми. Според дел од аналитичарите, ова барање е провокација, а други, пак, сметаат дека има простор за дебата.

Предлог без додадена вредност

Политикологот Иво Ранѓеловиќ вели дека идејата на албанскиот блок за измени во Уставот во делот на избор за претседател е безсуштинска провокација, која нема никаква додадена вредност за државата.

– За да промениме Устав генерално или промена на изборен модел за претседател конкретно, прво што треба да се прашаме е како таа промена ќе го подобри животот на еден граѓанин во Македонија? Па потоа следуваат низа анализи и прашања во врска со евентуалната промена. Да, точно е дека постојниот модел практично оневозможува избор на претседател Албанец, но нема таква намера, ниту, пак, е воспоставен за таква цел. Убавината на демократијата е токму во директниот глас на гласачот, а не во посредни пристапи што отвораат многубројни проблеми во перспектива. Истото важи и за барањето за албанскиот јазик, што е формулација што повеќе служи за провокација и популизам отколку што е суштина во секојдневието на Македонецот и на Албанецот. Време е да ја оставиме идентитетската политика зад нас, особено кога таа е негувана од политичките партии – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Иво Ранѓеловиќ/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Според аналитичарот Алберт Муслиу, има простор да се дебатира за тоа дали во Македонија е потребно претседателот да се избира со гласање во Собранието.

– Јас бев против тоа едновремено да се одржуваат парламентарните и претседателските избори, затоа што ќе се мешаат темите, односно темите за парламентарните избори ќе ги засенат дебатите за претседателските избори. За што да се зборува во кампања за претседателски избори? Ова е една таква легитимна тема за претседателска кампања, а за борбата со криминалот и корупцијата ќе си зборуваат партиите во кампањата за парламентарните избори. И онака кампањата целосно ја водат лидерите на партиите, а кандидатите за претседател се во нивна сенка – вели Муслиу за „Слободен печат“.

Тој потсетува дека ова не е нова идеја, а првиот претседател во државата Киро Глигоров беше избран во Собранието.

– Изборите се голем трошок за државата. Исто така, зошто сега ќе имаме втор круг претседателски избори едновремено со парламентарните? Затоа што за избор на шеф на државата е предвиден цензус од 40 отсто. Значи, има потреба да се дебатира за оваа тема, а моментот е сега, затоа што сега се претседателските избори – ни изјави Муслиу.

Алберт Муслиу, политички аналитичар / Утрински брифинг

Тој смета дека барањата на ДУИ и на Алијанса на Албанците не се уцена и додава дека е во ред ако се отвора Уставот за да се вметнат Бугарите во Преамбулата, во истиот процес да се направат и другите уставни измени што се бараат, како изборот на претседателот, албанскиот јазик или барањето да не застарува кривичното гонење за делата од корупцијата.

Македонските партии јасно против

Мицкоски вчера за иницијативата на ДУИ и Али Ахмети рече дека таквите изјави треба да се игнорираат, бидејќи доаѓаат од политичари што не се фактор, кои за брзо време ќе бидат пратени во политичка пензија, а голем дел од нив ќе бидат дел од процеси во кои ќе треба да ја докажуваат својата невиност, бидејќи постојат основани сомненија дека сториле огромен криминал во изминатите години.

– Оваа изјава на Ахмети во отсуство на други идеи и корисни проекти, а во услови кога луѓе од ДУИ се фатени во огромен криминал, е обид сега со лесен дефокус да се гради тема што ќе се пренесе во кампањата и тоа да биде тема во кампањата. Како што беше премиер Албанец, сега да биде претседател Албанец и мислам дека тоа треба да се игнорира. Второ, дури и самата дрскост да се каже такво нешто и тоа да се поврзе со уцена за излезноста на изборите, претставува недржавен чин од партија што претендира да се претстави како државотворна и која 22 години е дел од владата и го јаде лебот од овие граѓани и оваа држава – рече Мицкоски и потсети дека на минатите претседателски избори во 2019 година ВМРО-ДПМНЕ не уценувале за цензус.

Каевски вчера кажа дека кандидатот предложен од СДСМ ќе биде поддржан од сите етникуми.

– СДСМ јавно и јасно го кажа во многу наврати нашиот став дека кандидатот за претседател треба и се избира на непосредни избори. И ова барање не е нешто ново, го слушнавме и на изборите во 2019 и во 2020 и сметаме дека не треба да се уназадуваат демократските процеси – порача Каевски.

Албанските партии не се откажуваат

Од ДУИ, кои минатата недела поставија услов нивните гласови во вториот круг да одат на контото на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ само ако овие партии прифатат изборот на претседател на државата да биде во Собранието, сега велат дека не уценуваат, туку бараат еднаквост.

„ВМРО-ДПМНЕ продолжува еднаквоста во општеството да ја доживува како уцена. ВМРО-ДПМНЕ, за жал, ги отфрла прогресивните идеи поради заробеноста во конзервативниот ум на замислената етничка доминација во заедничката држава“, се вели во соопштението од ДУИ.

Од партијата побараа „ВМРО-ДПМНЕ да се надмине себеси, да прифати еднаквост во општеството, и истовремено да се изјасни против Русија, а за Европа“.

ДУИ побара и „сите гласови да се концентрираат на д-р Бујар Османи за да се овозможи измена на Уставот и за изборот на претседател и за уставните амандмани што произлегуваат од Договорот за добрососедство, затоа што со ова изнајдовме начин да се постигне сè во едно“.

Арбен Таравари, пак, кој прв ја реафирмира оваа стара идеја на ДУИ, појасни дека не се работи за уцена, туку за барање и дека уставните измени не ги поврзуваат со формирање влада.

– Јас мислам дека ингеренциите на претседателот се исти како и во повеќе околни држави. Мислам дека трошоци на државата не ѝ требаат, претседател може да се избира и преку Собрание. Ние не сме претседателски систем, туку сме парламентарна демократија и мислам дека би рационализирале со договор меѓу парламентарните политички партии – рече Таравари.

Според Изет Меџити, лидер на Демократско движење, пак, ДУИ сака да ги подели гласовите на Албанците со тоа што го кандидирала Бујар Османи за претседател.

– Тоа значи дека ДУИ веќе не е онаа старата партија што ги обединува Албанците. Албанскиот глас мора да оди кај нашиот Таравари и ве повикувам да ги депонирате потписите за него за да ја почнеме потоа релевантно кампањата за избор на претседател Албанец со двотретинско мнозинство во Собранието на Северна Македонија – изјави Меџити во Куманово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот