ТВ Алфа, печатницата „Напредок“ и „ЕДКО Фешн“ – најголеми неплаќачи

Работодавачите и државата и натаму се бркаат како „мачка и глушец“ во однос на исплатата на финансиската поддршка за исплата на платите. Ќе се стори речиси една година, а бројката на несовесните газди не се намалува и покрај фактот што нивните имиња се објавуваат јавно, а за нив се доставени детални податоци во Јавното обвинителство, за покренување на кривична постапка.

Кај нив се извршени контроли во координација со Државен инспекторат за труд. За овие работодавачи, потсети директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, изготвени и доставени се опомени за неисплатената плата, а по истекот на рокот од опомената, против оние што нема да ја исплатат платата ќе следува спроведување на постапка на присилна наплата на платата со блокада на паричните средства на нивните трансакциски сметки и пренос на средствата на сметките на вработените лица и на уплатените сметки за јавни приходи.

На списокот објавени фирми кои добиле помош, а не исплатиле минималец на работниците, има градежни, текстилни фирми, фирми за увоз-извоз, трговија, сметководствени бироа и други. Најбројни се работодавачите од трговијата на мало (78), кои примиле финансиска помош од над 35 илјади евра и на 145 вработени не исплатиле плата. Следуваат 44 фирми што вршат подготовка на оброци и служење на храна, кои примиле приближно иста сума од над 35 илјади евра за 130 вработени. Има и 26 градежни фирми кои примиле помош од речиси 15 илјади евра и на 57 вработени не исплатиле плата. Останатите компании се од дејностите транспорт, трговија на големо, трговија на големо и мало со моторни возила и мотоцикли и услужни дејности. По региони, најмногу фирми што не исплатиле плата се од Скопје 92 фирми, Тетово 63 и Гостивар 16.

Ажурираната анализа на неисплатена државна помош за декември за минимална плата што ја објави Владата има имиња од сите дејности, но она што паѓа в очи е еден национален медиум – ТВ Алфа, која добила околу 28 илјади евра, а не им ги исплатила на 102 вработени. Со поголем број работници е и текстилната компанија „ЕДКО Фешн“ од Тетово (46), а за нив зела над 10 илјади евра помош. По вторпат на листата е и печатницата „Напредок“ од Тетово за неисплатени речиси 14 илјади евра за 51 работник. Истата компанија, ама овој пат за дејноста печатење и репродукција на снимени медиуми не исплатила сума од близу 5 илјади евра за 18 работници. Оваа компанија не ја исплати и ноемвриската плата и за тоа беше објавена на „столбот на срамот“.

На листата се и кафеаната „Барбакан“ од Скопје која добила околу 3 илјади евра, а не им ги исплатила на 9 вработени, „Анфи холдинг“ од Битола со околу 3 илјади евра за 10 вработени, превозникот „Хисари“ од Дебар со 21 вработен и неисплатени околу 6 илјади евра. Иако примил околу 5 илјади евра државна помош, сместувачкиот капацитет „Блу холидеј“ од Охрид не ги исплатил на 19 вработени, угостителскиот објект „Уни сервис“ од Штип зел над 6 илјади евра, ама не ги исплатил на своите 23 вработени, а тука е „Изи холдинг“ од Струга, која се занимава со трговија на мало и која на 20 вработени не исплатила околу 5 илјади евра. На листата е и ФК Беласица АД од Струмица кој добил 5 илјади евра, но има неисплатена државна помош за своите 15 вработени. Ресторанот „Ефто комерц“ од Куманово за 14 вработени не исплатил околу 4 илјади евра. Останатите фирми се со еден, двајца или максимум 5 вработени, но тоа не ги иззема од одговорноста.

И претходно фирмите што ја злоупотребија помошта беа јавно објавени

До 2 февруари годинава, на 13.160 работодавачи им е исплатено вкупно над 150 илјади евра за исплата на декемвриската плата на 60.974 вработени. Од нив 306 работодавачи не ја исплатиле земената финансиска поддршка. По спроведените мерки и активности од УЈП, намален е бројот на компаниите кои сѐ уште не ја исплатиле октомвриската и ноемвриската плата, и тоа за октомври од 179 на 11 компании, а во ноември од 245 на 24 компании. Октомвриската плата сеуште не ја зеле 34 вработени, а за ноември 50 вработени. Кај овие компании во тек е постапка на присилна наплата на неисплатената плата од парични средства на трансакциска сметка. Вкупниот број компании што сè уште не исплатиле плата за април, мај и јуни е 109.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот