„Троловите“ ќе ги решат изборите?

Каква комуникација со гласачите ќе биде пресудна? Модерната дигитална, преку која партиите потранспарентно и подиректно ги промовираат политиките пред граѓаните или пак теренската -митинзите како веќе испробан рецепт кој трае со години?

Каков пристап политичките партии ќе одберат за да ги освојат гласовите на граѓаните за претстојните предвремени парламентарни избори на 12 април? Во игра се два начини. Првиот стандардниот – теренот и митинзите и вториот, современиот – електронската комуникација со гласачите .

За теренскиот пристап од „врата до врата“ во СДСМ велат дека не се откажуваат, бидејќи многу помагал при создавање на партиската пргорама. Преку разговорот со граѓаните точно ги детектирале приоритетите и нивните очекувања. Но, посочуваат од партијата, се повеќе го користат и новиот дигитален пристап бидејќи овозможува постојана и двонасочна комуникација со граѓаните од сите генерации, без разлика на етничката, верската и политичката припадност. Преку сајтот на партијата, членовите и активистите се информираат за мерките и политиките, за секојдневните активности на партијата, но имаат и можност самите да дадат придонес со вклучување во директната промоција на програмската понуда. По однос на јавните комуникации, генералниот партиски секретар, Љупчо Николовски, рече дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ која се криела по подруми, СДСМ возел по автопат.

Љупчо Николовски

– Постојано се усовршуваме и во употребата на дигиталните технологии, во дискусијата со
граѓаните преку интернет и во промоцијата на нашите политики преку социјалните мрежи.
За таа цел веќе создадовме нова, модерна алатка, мобилна апликација која на активистите,
членовите, волонтерите и поддржувачите на СДСМ ќе им овозможи координирана промоција на официјалните политики на нашата партија преку социјалните мрежи. Оваа дигитална алатка ја развиваме со помош на експерти за нови медиуми и дигитални комуникации, а претставува прогресивен чекор во промоцијата на понудата на СДСМ пред граѓаните, во согласност со нашата определба за постојана, отворена и директна комуникација со граѓаните и сопственото членство – изјави неодамна Николовски.

Дека СДСМ не се откажува ниту од теренот зборуват многуте партиски активности. Со средбите од „врата до врата“, биле посетени повеќе од 220.000 семејства, реализирани биле 680 маалски и рурални средби, посетени биле 400 општински организации, под слоганот „На прав пат“ биле одржани 30 трибини на кои граѓаните комуницирале со партиското раководство на различни теми, а под нивно раководство биле организирани 250 хуманитарни настани.

И во ВМРО-ДПМНЕ велат дека се на терен, но и дека го користат модерниот пристап – социјалните мрежи за контакт со граѓаните. Под мотото „Разговори за обнова на Македонија“ се одржуваат средби со граѓаните од врата на врата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во една прилика посочи дека така ќе била раскажана нивната пиказна. Во партијата велат дека кампањата им е поделена во два дела, интеркативна програма која ќе ја пишуваат граѓаните за секој град одделно и втор стратешки дел, посветен на стратешките проекти значајни за цела држава.

Наум Стоилковски

Партискиот сајт секојдневно пренесува прес конференции и изјави на партиски членови. Партискиот портпарол Наум Стоилковски вели дека живееме и делуваме во 21 век во кој што електронската комуникација доминира.

– Власта е во паника затоа што знае дека изборите ќе ги добие вистината, дека нема повисоки пензии, дека се вработува само со партиска книшка на власта, дека има огромен криминал, дека има коруптивен триаголник власт-обвинителство- судство. Граѓаните сами ги откриваат и ги споделуваат лагите и криминалиите на власта – вели Стоилковски.

На прашањето какви се влијанијата и каква комуникација со гласачите ќе биде пресудна на овие избори, одговор побаравме од Фондацијата „Метаморфозис“. Според програмскиот директор на Фондацијата, Филип Стојановски, електронската комуникација, особено кај младите, има големо влијание во сите аспекти од живеењето, па и врз нивното мислење за работата на одредена партија.

Филип Стојановски

– Последните години, голем дел од комуникацијата за политика меѓу помладите генерации граѓани е преселена на интернет, односно на социјалните мрежи, па се очекувани и настојувањата на партиите да го заземат тој простор. За тоа, дел од нив со години градат инфраструктура, која комбинира продукција на содржини од медиуми блиски до партиите со промоција преку страници и групи на Фејсбук или Твитер. Иако според истражувањата за медиумски навики најголем дел од граѓаните информациите ги добиваат во комбинација од телевизија и интернет, втората опција нуди и можности за директно таргетирање преку платени огласи со кои може да се наметнат одредени ставови или разгорат страстите – вели Стојановски за Слободен печат.

Тој предупредува дека кај македонските граѓани недостасува едукација за препознавање на медиумски манипулации.

– Од аспект на пореметување на јавната дебата преку ширење говор на омраза и дезинформации, не смее да се занемари ниту влијанието на армијата на „тролови“ развиена по руски модел во која беше вмешана и кампањата „Бојкотирам“. За неа предупредуваа и бившиот министер Тодоров и пратеничката Рангелова. Работата на проектите на Метаморфозис како „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ покажува дека има голема потреба од едукација за препознавање на медиумски манипулации, оти не може да се очекува од граѓаните кои не се новинари да бидат стручни и за стандардите на новинарската професија и за сите аспекти на новите технологии. Затоа е уште поважно новинарите да им понудат проверени информации и да им помогнат да се одбранат од дезинформациите – вели Стојановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот