Трендот на уништување цвеќиња и млади дрвца значително намален

Фото: kiselavoda.gov.mk

Крадењето на цвеќиња од парковите и корнењето на младите штотуку засадени дрвца од несовесни граѓани, во 2020 година се случувало многу поретко во споредба со годините претходно. Сепак, за жал, појавата на уништување на јавното градско зеленило сѐ уште постои и не е комплетно искоренета.

Пример за тоа е и последната случка на кражба на млади садници, кога вкупно 30 дрвја, кои неодамна беа засадени покрај новоизградениот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел, беа откорнати и украдени.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ сметаат дека граѓаните треба да престанат да го уништуваат зеленилото во Скопје, кое е исклучително значајно и како што велат од таму, се надеваат дека граѓаните ќе разберат дека ваквите постапки со кои се уништува веќе засаденото зеленило,  наместо придонес за почист воздух и зелен град, нанесуваат општа и сериозна штета врз околината.

– Уништувањето цвеќе, млади садници или тревна површина е нешто што е навистина нехумано. Чуварската служба на претпријатието ги забележува настанатите штети, но можеме да кажеме дека за разлика од претходни години, се намалени ваквите постапки од страна на несовесни сторители. Ние преку социјалните медиуми постојано апелиравме за значењето и важноста за чување и одржување на зеленилото како и хигиената на јавните зелени површини во градот, надевајќи се дека со тоа придонесуваме во подигнување на свеста кај секој поединец- велат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Од ова јавно претпријатие информираат дека и покрај многубројните тешкотии со кои се соочуваат, како и покрај новонастанатите услови за работа и потребата од реорганизација поради коронавирусот и опасноста од негово ширење, тие 2020 година ја сметаат за исклучително успешна година, во која успеале да ги реализираат планираните проекти во 2020 година. Оваа година, за првпат во историјата на работењето на ова јавно претпријатие, подигнати се вкупно 126.491м² градско зеленило. Станува збор за реконструирани, но и за нови зелени површини во Скопје.

– Како еден од поголемите проекти би го истакнале хортикултурното уредување и разубавување на булеварското зеленило со нови украсни и декоративни садници. Направивме град Скопје да има нов лик, со свежи булевари и паркови. Некои од нив се булеварите „Гоце Делчев“, „8 Септември“, „Христијан Тодоровски Карпош“, „АСНОМ“, кружниот тек во општината Чаир, уредувањето на новиот парк во Кисела Вода, паркот во населба Мичурин, зеленилото кај Пластичарска улица, зеленото катче во општина Аеродром и Карпош, надополнувајќи ги со садници, кои даваат специфична и уникатна зелена одлика во градот – информираат од претпријатието.

За засадување ново градско зеленило со кое не само што Скопје ќе добие поубав лик, туку и почист воздух, но и според Годишната програма за работа за 2021 година на претпријатието од ЈП „Паркови и зеленило“, најавуваат интензивирање на своите активности.

– Во соработка со Град Скопје, предвидени се исто така голем број активности, проекти и решенија за реконструкција на веќе постоечки зелени површини во градот, уредување и подигање на повеќе нови зелени површини, уредување на зеленилото во должина на булеварите и магистралните градски улици, внесување нови содржини во парковите, садење нови садници, сè со цел што повеќе зеленило во градот како една урбана животна средина – додаваат од ова јавно претпријатие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот