
Тренчевска до владиката Петар: Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51 отсто од популацијата
Жената не бара повеќе права, бара исти права и исти можности како и мажите, реагира министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска по изјавата на владиката Петар, кој вчера жестоко го нападна феминизмот во Велигденското послание и рече дека „родовата еднаквост е отровна идеологија“.
Препорачано
Ама Владико тоа ти со твоите ретроградни ставови, со понижувањата и омаловажувањата кон жената не можеш да го разбереш. Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51 процент од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, Владико. Живееме во демократија. Во време кога можеби не секоја жена е гласна, храбра, но оние гласните и храбри се борат за родова еднаквост. За своите права и правата на секоја друга жена. За правата на секој поединец во општеството, пишува Тренчевска на својот Фејсбук-профил.
Владиката Петар вчера изјави дека на општеството му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост.
Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена; Господ ги создаде машко и женско, и сè друго изменето, поинакво и поразлично од Божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо“, вели владиката Петар.
Според него, пред појавата на ова движење жените биле домаќинки, а сега се еманципирани и сѐ почесто се разведени.