Заложниците кои ги држи Хамас / Фото EPA-EFE/ATEF SAFADI

Трамп: Заложниците во Газа би можеле да бидат ослободени во понеделник

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за Фокс њуз дека очекува заложниците што ги држи Хамас во Газа да бидат ослободени во понеделник, по мировниот договор меѓу Израел и Хамас што го промовираше неговата администрација, јавува ББС.

Трамп претходно објави на социјалната мрежа „Truth Social“ дека Израел и Хамас ја потпишале првата фаза од мировниот план, кој предвидува ослободување на сите заложници и повлекување на израелските трупи на договорената линија.

„Многу сум горд што објавувам дека Израел и Хамас ја потпишаа првата фаза од нашиот мировен план. Ова е голем ден за арапскиот и муслиманскиот свет, Израел и САД. Им се заблагодаруваме на медијаторите од Катар, Египет и Турција за нивната соработка“, рече Трамп, додавајќи: „Блажени се миротворците“.

Трамп  за американските меидуми изјави дека специјалниот пратеник Стив Виткоф, неговиот зет Џаред Кушнер, државниот секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД Џ.Д. Венс се обединиле во планот.

„Целиот свет се обедини, искрено. Светот се обедини околу овој договор. Многу земји ги испратија своите најдобри желби“, рече тој.

Трамп нагласи дека мировниот договор е „повеќе од Газа“, тоа е, според неговите зборови, „мир на Блискиот Исток“.

Во врска со Иран, Трамп рече дека земјата е блиску, околу еден месец, до добивање нуклеарно оружје и дека тоа ќе му наштетеше на мировниот план за Газа.

„Да дозволев тоа да се случи, овој договор немаше да биде можен. Или ако беше, ќе имаше огромен облак над него, бидејќи ќе имавте земја со нуклеарно оружје која очигледно не е многу пријателска. Како што видовте, тие (Иран) го благословуваат договорот“, рече тој.

Тој исто така додаде дека верува оти Иран ќе биде вклучен во мировната ситуација.

Трамп нагласи дека по првиот дел од мировниот план, Газа ќе биде обновена.

„Ќе биде поинаков свет и богатството ќе се потроши во Газа“, рече Трамп.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека Владата утре ќе го разгледа договорот, нагласувајќи дека тоа е „одличен ден за Израел“ и заблагодарувајќи му се на Трамп за неговата посветеност на ослободувањето на заложниците.

Хамас во официјално соопштение потврди дека се согласил со договорот, кој предвидува крај на војната во Газа, повлекување на израелските сили, влез на хуманитарна помош и размена на затвореници.

Организацијата им се заблагодари на Трамп и на медијаторите од Катар, Египет и Турција, повикувајќи ја меѓународната заедница да го обврзе Израел со договорените обврски.
Портпаролот на Катар, Маџед ал-Ансари, потврди дека е постигнат договор за „сите услови и механизми“ за спроведување на првата фаза од договорот, додека израелските медиуми објавија дека документот ќе биде потпишан во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик.

Според израелските власти, ослободувањето на живите заложници се очекува во рок од 72 часа, додека репатријацијата на телата на починатите заложници ќе потрае подолго.

Договорот, кој се базира на американски план од 20 точки, предвидува целосно повлекување на израелските трупи од Појасот Газа, ослободување на 48 заложници и воспоставување привремена палестинска власт која ќе управува со енклавата.

Трамп предупреди дека доколку Хамас го прекрши договорот, Израел ќе има целосна поддршка од САД во спроведувањето на своите воени планови во Газа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот