Трамп е постојана закана за американската демократија, обвини Бајден

Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп и актуелниот Џо Бајден/Фото: Архива на Слободен Печат

Претседателот на САД, Џо Бајден, денеска го обвини неговиот претходник Доналд Трамп дека претставува „континуирана закана за американската демократија“.

Бајден ова го кажа во говорот на годишнината од нападот врз американскиот Капитол од поддржувачите на Трамп, кои се обидоа да го поништат неговиот изборен пораз.

Зборувајќи во зградата каде што се случија немирите на 6 јануари лани, Бајден предупреди дека лажните тврдења на Трамп оти изборите му биле украдени преку широко распространета гласачка измама може да го разоткрие владеењето на правото и да ги поткопа идните избори.

– Мораме да бидеме апсолутно јасни за тоа што е вистина, а што лага. Еве ја вистината: Поранешен претседател на САД создаде и шири мрежа од лаги за изборите во 2020 година. Тој го направи тоа затоа што ја цени повеќе моќта отколку принципите, нагласи Бајден.

-Пред една година на денешен ден на ова свето место беше нападната демократијата. Едноставно нападната. Волјата на народот беше нападната. Уставот, нашиот Устав, се соочи со најголеми закани.

Бајден додаде дека „за првпат во нашата историја еден претседател не само што ги загубил изборите, туку се обидел да спречи мирен трансфер на власта”. Бајден го осуди Трамп затоа што ги гледал немирите на телевизија „и не правел ништо со часови”.

Според анкетата на Ројтерс/Ипсос, околу 55 отсто од републиканските гласачи веруваат во лажното тврдење на Трамп, кое беше отфрлено од десетици судови, државни изборни оддели и членови на администрацијата на Трамп.

Четири лица починаа во повеќечасовниот хаос, додека еден полицаец почина ден подоцна, а четворица се самоубија во деновите по инцидентите. Повредени беа околу 140 полицајци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот