Токсичен отпад увезуван како мазут за Фени, Брако и во родилишта, на потег надлежните институции

Фото: Архива

Огромни количества на отпадно масло, кое било увезувано во државава и било наменето за продажба на големи индустриски капацитети, како и за загревање на државни институции, било декларирано како мазут, открива новинарската истражувачка лабораторија ИРЛ. Илјадници тони отпадно масло, со потекло од ЕУ, каде била забранета неговата употреба во урбани средини поради токсичноста, завршувало во земји надвор од Унијата, меѓу кои и Северна Македонија, во 2018 и 2019 година, со посредство на неколку фирми од државава и потоа било продавано на големи компании како поранешен Фени, сегашен Еуроникел од Кавадарци, фирмата Брако од Велес, а преку системот на јавни набавки завршувал и како масло за греење во котлите на Министерството за одбрана, како и во седум државни болници и родилишта.

Истражувачкиот тим на ИРЛ утврдил дека опасниот отпад ги минувал границите на повеќе европски држави, при што, во ЕУ земјите бил деклариран како индустриско отпадно масло со статус на опасен отпад, додека пак во земјите што не се во Унијата, како Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово бил деклариран како масло за греење односно мазут и со така изменет тарифен број бил увезуван и во нашата држава. Еден од увозниците била и кичевската фирма Евротим ГДС, чиишто сопственици биле Илија Срезоски и неговиот зет за ќерка Гоце Стефаноски, открива ИРЛ. Најголем корисник, пак, на овој штетен енергенс бил екс-Фени сегашен Еуроникел кој бил снабдуван со околу 2500 тони месечно, како и Брако, каде еден од ко-сопствениците е и поранешниот вице-премиер за економски развој Кочо Анѓушев, инаку близок со едниот од сопствениците на Евротим ГДС. Притоа, името на Анѓушев се поврзува со зделката за набавка и за користење на отпадното масло наместо мазут во нашата држава.

Случајот за којшто станува збор, според она што го открија новинарите, временски соодветствува со случаите на енормно загадување на воздухот регистрирано во повеќе градови во земјава во текот на 2018 и 2019 година, кога, освен Скопје како лидер во аерозагадувањето, огромни вредности на ПМ честички во воздухот беа регистрирани и во помали градови како Куманово и Кавадарци. Десетици, па и стотици илјади тони од овој енергенс, деклариран како мазут, влегувале во Македонија но, според постоечките правилници биле испитувани само за присуство на сулфур и бидејќи не било утврдувано присуството на други штетни компоненти, бил пуштан во промет од страна на надлежните институции. Во истиот тој временски период кога штетниот отпад бил согоруван како мазут, Владата ја започна својата кампања за борба со аерозагадувањето, при што како најголем загадувач на воздухот беа претставени индивидуалните домаќинства и нивните застарени системи за загревање на домовите, додека индустриското загадување не беше истакнувано како голем проблем.

Слободен Печат упати прашање до Јавното Обвинителство да одговори дали ќе постапи по допрен глас во врска со доказите за инволвираноста на поранешниот вице-премиер, како еден од одговорните во аферата со опасниот отпад деклариран како мазут и на другите лица кои се дел од синџирот на набавка на оваа материја и нејзиното користење за горење во индустриски котли и во системите на греење на скопската гинеколошко-акушерска клиника во Чаир, во кумановската општа болница и во уште пет други болници. Прашање упативме и до Државниот инспекторат за животна средина и од нив побаравме да одговорат дали досега биле информирани во врска со тоа какво гориво користат Фени, Брако и другите државни установи кои се грееле на отпадно масло, дали постапувале по тој основ и какви се нивните наоди.

Прашање беше упатено и до Владата, од која е побаран одговор на прашањата дали се запознаени со случајот со отпадното масло и инволвираноста на поранешниот вицепремиер, дали Владата воопшто расправала за квалитетот на енергенсите кои се користеле во државните институции и начинот на кој тие се контролираат и дали некој ќе понесе одговорност за тоа што вакво нешто било дозволено.

На сите овие прашања, до објавувањето на овој напис не добивме ниту еден одговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот