Точката на вриење во „Козле“ е постигната: 30 доктори бараат смена на директорката Симоновска
Незадоволството кај вработените лекари во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата, „Козле“ достигна точка на вриење. Триесет доктори и седум други вработени минатата недела на министерот за здравство Арбен Таравари му доставиле допис во кој бараат итно да ја смени од функцијата директорката, доктор Каролина Симоновска.
Препорачано
Дванаесетмина од потписниците на писмото во кое бараат разрешување на Симоновска според информации на „Слободен печат“ минатата недела биле во кабинетот на министерот и на состанок му предочиле дека се соочуваат со неподнослива кадровска неорганизираност. Вработените во писмото до Таравари велат дека „многу пати слушнале неформални ветувања за решавање на проблемот, но ситуацијата веќе е неподнослива а нивното трпение при крај“.
„Спремни сме да ја прекинеме работата со штрајк или евентуални откази во време кога имаме дефицит на педијатри во јавното здравство. Доколку целта да пружиме што поквалитетни услуги за нашите пациенти ни е заедничка, покажете доблест и назначете директор кој ќе биде поддржан од лекарскиот колегиум, а таквиот чин многукратно ќе ве награди, пишува во писмото упатено до Арбен Таравари, Христијан Мицкоски и до националниот координатор за задравство доцент доктор Ристо Симеонов.
На министерот му се жалеле дека возрасни доктори биле ставани на список за 24-часовни дежурства да прегледуваат деца во амбулантата, но и дека се распаднал тимот во „Козле“ кој работеше комплексни процедури за бронхоскопија. Ова е оддел каде со години на мали деца им беа отстранувани туѓи тела кои им залетнале во дишните патишта.
На овој оддел по назначувањето на Симоновска за директорка, оставка си даде една раководителка, затоа што одбивала да работи без да ѝ се набави потрошен материјал за интервенциите со чија помош се отстранува туѓото тело. Бројот на бронхоскопии кои биле извршени низ годините, споредено со ваквите интервенции што се вршат сега, се намалил, тврдат нашите извори во Клиниката. Тимот за бронхоскопија сега се потпира на пензиониран ОРЛ специјалист кој од дома доаѓа на Клиниката ако дојде дете со залетнат предмет во дишните патишта.
„Слободен печат“ пред четири месеци објави дека на оваа Клиника има организациски и меѓучовечки проблеми, а за нив тогаш од страна на вработени беше информиран и Таравари, но тој реши да не преземе мерки и да го остави исто раководството на Клиниката. Но, минатата недела според нашите информации се сменило расположението и на состанокот што Таравари го имал со докторите кои се жалеле, замолил да му дадат време и потенцирал дека за состојбата е запознаен и премиерот Христијан Мицкоски.
Инаку, кога пред 4 месеци беше формиран нов тим за бронхоскопија по оставката на раководителката, шест членови од истиот од директорката побараа да ги изземе од работата.
„Ние подолу потпишаните членови на тимот за бронхоскопија, при чиста свест без присила, бараме да бидеме изземени од работата во бронхоскопскиот тим и од приправност за бронхоскопија. Ова барање го поднесуваме со оглед на новонастанатата состојба и промена во составот на тимот односно во него не се двете најискусни бронхоскопски педијатри и ОРЛ специјалисти, како стожери на тимот. Тие се единствените обучени и работат комплицирани и ургентни бронхоскопии каде што има потреба на екстрахирање на туѓи тела со баскет или ригидна бронхоскопија. Без нив, ние најодговорно тврдиме, заради заштита на здравјето на децата, дека не можеме да ја работиме оваа интервенција“, ѝ напишале на директорката Симоновска двајца доктори и четири медицински сестри пред 4 месеци.
Одделот за бронхоскопија во ЈЗУ УК за респираторни заболувања кај децата „Козле“ функционира над 40 години и е единствениот во државата, што значи дека е неопходен за најмладите. Ниту една државна или приватна педијатриска болница не се занимава со овој сегмент, затоа што постапката со себе носи многу ризици и е многу комплексна. Таму децата некогаш се борат за воздух.
Симоновска негираше дека има проблеми и тврдеше дека има „комплетен тим за изведување на бронхоскопија со соодветна стручност на највисоко ниво за проблематиката која ја работи“.
Во тимот е бронхоскопист-орл специјалист кој е со докажани успеси со децении наназад. Материјали за бронхоскопија има и се набавуваат согласно потребите на клиниката. Нема застој во ниеден оддел или сектор во клиниката и се функционира како и претходно во нормални услови за работа. Универзитетската клиника уште еднаш укажува дека заради специфичната дејност која ја обавува и е во интерес на пациентите, не ни е потребен партиско-медиумски негативен публицитет. Исто така ја уверуваме јавноста дека секогаш и во секој поглед, стручниот тим на лекари е подготвен да реагира на највиско ниво и стандарди, потребни за една Универзитетска клиника, напиша Симоновска кога се објави дека бронхоскопскиот тим ѝ се распаѓа.
Потоа следуваше уште еден несреќен случај – почина 14-месечно бебе кое пред да заврши во Детската клиника, беше хоспитализирано во „Козле“. Комисија формирана од Таравари направи стручен надзор во Клиниката за детски болести и Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“ за овој конкретен случај, при што беа констатирани системски, технички и стручни недостатоци. Во „Козле“ беше констатирана неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните тешкотии и третманот. Таравари тогаш порача дека „се надева дека ќе се разбуди совеста кај раководството на Козле и дека ќе бидат преземени чекори за смртта на бебето“. Но Симоновска негираше дека имало пропусти и тврдеше дека било преземено сè што било потребно за него.
Според нашите информации постојат вработени експерти за детска туберкулоза кои размислуваат да ја напуштат клиниката „Козле“ и да заминат во приватна здравствена установа, поради несоодветна поставеност во хиерархијата на Клиниката.