Тивка пролет: За 40 години преполовен бројот на врапчињата во Европа

Од Европа исчезнале 247 милиони врапци /Фото: EPA/ROBERT GHEMENT

Масовно се намалуваат јатата на жолтите тресиопашки (за 97 милиони), на сколовранците (за 75 милиони) и на чучулигите (за 68 милиони)

Орнитолозите се загрижени поради забрзаното десеткување на популацијата на домашните врапчиња, чиј број број е преполовен во изминатите 40 години. Во периодот од 1980 до 2017 година од европските градови и села исчезнале 247 милиони врапчиња.

Нова студија на британски и чешки орнитолози покажува дека во изминатите четири децении Европа изгубила една шестина од вкупниот број птици и сега ги има за 600 милиони помалку отколку во 1980 година. Масовно се намалуваат јатата на жолтите тресиопашки (за 97 милиони), на сколовранците (за 75 милиони) и на чучулигите (за 68 милиони).

Експертите од Чешкото здружение на орнитолози анализирале податоци за 378 од вкупно 445 видови птици што се среќаваат низ европските земји и заклучуваат дека нивните популации се намалиле за помеѓу 17 и 19 отсто. Особено брзо исчезнуваат птиците што живеат покрај нивите, но најтешко се погодени домашните врапци, кои денес ги има двојно помалку отколку пред 40 години. Нивните блиски роднини, шумските врапци, има 30 милиони помалку.

Во периодот што бил проучуван при студијата, двојно бил зголемен бројот на грабливи птици, вклучувајќи ги соколите, белоопашестите орли и златните орли, но овие птици веќе беа ретки и се уште се сметаат за загрозени видови.

Студијата не покажала прецизни резултати за причините за намалувањето на популациите на европските птици, но се претпоставува дека главните фактори се отежнатиот пристап до храна, разните болести како „птичјата маларија“ и загадувањето на воздухот, особено околу урбаните центри. Новите хемиски техники за заштита на посевите ги оставиле птиците без доволно инсекти за да се прехранат.

– Нашата студија е тревога за огромната закана од исчезнување на видовите и за тивка пролет. Неопходна ни е сеопфатна реакција за да ги скротиме и климатската криза и катастрофалните последици по природата. Мораме земјоделството да ѝ го вратиме на природата, да ги заштитиме видовите, да ги одржуваме шумите и рибните фондови и значително да ги прошируваме заштитените природни зони – вели Фиона Брнс, експерт во Кралското здружение за заштита на птици и водач на студијата.

Намалување на птичјиот фонд од слични размери е регистрирано и во Северна Америка, каде што денес има 3 милијарди помалку птици во споредба со 1970 година.

– Обичните птици стануваат се помалку и помалку вообичаени, главно поради тоа што го споделуваат животниот простор со луѓето, од кои зависат. Природата е искоренета и од полињата и од градовите и од морињата. Европските влади мора да постават законски обврзувачки цели за обнова на живиот свет. Во спротивно, последиците ќе бидат катастрофални и за нашиот вид – вели Ана Станева од организацијата „Брдлајф Јуроп“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот