
Тешкиот период го остави зад себе: Алек Болдвин има нова цел, сопругата Хиларија е негов најголем мотиватор
Актерот Алек Болдвин отворено проговори за подемите и падовите кога е во прашање неговото здравје, а ја спомена и строгата диета што ја следел за да ослабе за улогата во филмот „Син јасмин“ (Blue Jasmine), пишува „Пипл“.
Препорачано
Во една епизода од „Болдвинови“ (The Baldwins), 67-годишниот актер во својот дом заедно со сопругата Хиларија Болдвин (41), вежба јога. Во таа прилика неговата сопруга изјави:
„Тоа што Алек доаѓа малку да вежба, тоа што е малку поактивен може само да му помогне. Вежбањето не е негова силна страна. Во последните 13 години, тој беше можеби на неколку часови по јога со мене. Не сме почнале ниту да трчаме заедно. Тоа едноставно не е негов свет. И не е само разликата во годините, туку и фактот дека тој е актер а јас спортист“.
Актерот истакна дека настаните од изминатите години оставиле силен белег на неговото ментално и физичко здравје, осврнувајќи се на обвинението за смртта на снимателката Халина Хачинс во октомври 2021 година на сетот на филмот „’Рѓа“. Како што е познато, во јули 2024 година, судијата ги отфрли обвиненијата против него.
„Тоа навистина, навистина влијаеше на моето здравје, инаку не сум таков. Што и да ме болело колкот, или нешто друго секогаш имав енергија. А сега таа енергија ја нема. И затоа сакам оваа година здравјето да биде мојот најголем фокус“, рече тој, додавајќи дека спортувал и имал активен животен стил сè додека не наполнил 40 години, кога неговата работа станала поинтензивна.
„И сега, кога сум во брак со некој кој е толку физички подготвен, а јас губам малку од мојата сила и координација тоа е чудно. Сакам само да бидам здрав“, рече тој.
Тој се присети како ослабел за филмот „Син јасмин“ од 2013 година.
„Не јадев тестенини, компири, слатки или шеќер, а веројатно изгубив околу 25 килограми. Кога ќе ме видите во филмот, изгледам слабо – барем во споредба со порано“, се сеќава актерот.
Хиларија додала дека дефинитивно гледа промена кај нејзиниот сопруг во последните неколку недели.
„Повеќе те гледам во теретана, помирен си. Ќе ни треба многу време да го обработиме сето ова и да научиме повторно да живееме“, заклучила таа.