Камери по улици / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Телефонски број и имејл адреса пред печат за продолжување на регистрација – МВР го комплетира „Сејф сити“

Ако ви истекува регистрација на возилото бидете подготвени полицаецот на шалтер да ви побара мобилен телефонски број и ваша имејл адреса. Ако ги прашате зошто, велат за потребите на Министерството за внатрешни работи. „Слободен печат“ испрати прашања до МВР зошто се потребни овие информации и оттаму добивме одговор  дека во тек е прибирање на лични податоци за дорегулирање на постапката за функционирање на „Сејф сити“.

Извори на „Слободен печат“ велат дека податоците се земаат се со цел кога возачот ќе направи сообраќаен прекршок регистриран со камерите на „Сејф сити“, известување да стигне на меил. Најверојатно доколку не се јави во полициската станица која му е посочена телефонот е потребен за личен контакт.  Засега не е познато како би се регулирало доколку прекршителот не е сопственик на возилото со кое е направен прекршокот и дали ќе биде потребно да се вадат нови сообраќајни книшки или со полномошно ќе може да се управува туѓо возило.

Од МВР велат дека поставувањето на камерите се очекува да биде завршено во текот на 2025 година, не прецизирајќи во кој период од годината.

„Системот ќе регистрира сообраќајни прекршоци како што се минување на затворен сигнал (црвено светло), возење со брзина поголема од дозволената и непрописно паркирање.Законските измени ќе бидат во насока на усогласување на нашето законодавство со европското законодавство. Измените се однесуваат на воведување на нови членови во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои директно се однесуваат на сопственикот на возилото (или оној со правото на користење на возилото) со кое е сторен сообраќајниот прекршок. Сообраќајниот прекршок ќе биде документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање при што на сопственикот на возилото ќе му биде доставен соодветен поднесок за сторениот сообраќаен прекршок. Дорегулирањето на постапката за заштита на личните податоци е во тек, односно во периодот што следи, запазувајќи ги сите законски регулативи. Целта на проектот е да се зголеми безбедноста во сообраќајот, подобрување на безбедноста на граѓаните како и намалување на сите видови на криминал“, велат од МВР.

Тестирањето на сообраќајните камери кое беше спроведено летово евидентира над 5.000 сообраќајни прекршоци за само два часа, најмногу за возење над дозволената брзина.

Министерот Тошковски на почеток на годинава изјави дека проектот за сообраќајни камери е еден од приоритетите на министерството за внатрешни работи.

„Јас ветив дека во текот на 2025 година ќе имаме имплементиран проект. Освен што ќе треба да ги инсталираме камерите, да ги поврземе со потребните кабли, да ги обезбедиме сите потребни дозволи, ќе треба да промениме и законска легислатива, да ги припремиме и судовите и УЈП во делот на спроведување на постапките, ќе треба еден поширок институционален пристап да има, тоа го работиме во моментов. Се изготвува ново предлог законско решение“, рече Тошковски.

Освен во Скопје, сообраќајни камери ќе ги надгледуваат и возачите во Тетово и Куманово.

Според статистичките податоци на МВР, дури 60 отсто од сите сообраќајни несреќи се препишуваат на брзото возење.
Годишно на македонските патишта животот го оставаат 65 жртви на еден милион жители, односно за четвртина повеќе од ЕУ-земјите.

Во светот има над 100.000 сообраќајни камери

Во светот има над 100.000 камери за мерење брзина во сообраќајот, од кои две третини се во Европа, според статистичката база Статиста, која пак се повикува на Светската датабаза за камери за брзина (The ​​Worldwide Speed ​​Camera Database).

Од 107 земји, според базата на податоци, Русија има убедливо најголем број на камери за брзина – 18.393. На второто место е Бразил со 16.997. Од Статиста објаснуваат дека ова е разбирливо со оглед на териториите што ги зафаќаат двете држави.

Трета на листата е Италија, која има близу 11.000 камери покрај тоа што е педесет пати помала од Русија.

Во САД има 7.366 камери од кои повеќе од половина се камери за „црвено светло“ кои проверуваат возила што поминале без да застанат на знакот стоп.Во Велика Британија има сличен број и најголемиот дел регистрираат пребрзо возење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот