Текстилците ќе ќарат од повлекувањето на брендовите од Индија

Фото: МИА

Во моментот работиме за 2,60 евра за парче, а во европските бутици нема поевтина кошула од 50 евра, вели Ангел Димитров од „Мода“ Свети Николе

Домашните текстилци ќе ќарат од повлекувањето на големите странски брендови од Индија, Бангладеш и преселбата во Европа, вели за „Слободен печат“ Ангел Димитров од „Мода“, Свети Николе.

– Имаме зголемени нарачки од странските партнери и ќе има работа до следната сезона напролет. Уште да „избоксираме“ повисока цена за колекциите што ги шиеме, ќе може и платите да ги зголемиме. А тоа е најтешкиот дел од работата. Со колегите од секторот бараме од странските партнери повисоки цени на производите, за да го следиме растот на трошоците. Во моментот работиме за 2,60 евра за парче, а во европските бутици, нема поевтина кошула од 50 евра – објаснува Димитров.

Кирил Нашков, претставник на штипските текстилни конфекции во Кластерот за текстил, потврдува дека имаат нарачки од странство, но тој за МИА истакна дека сè зависи од моќноста на партнерите, колку можат да ја зголемуваат цената на производите.

„Цените со партнерите ги менуваме веќе на месечно, а не на годишно ниво и тие што имаат такви партнери, што можат да ги следат, ќе бидат во поповолна ситуација. Но, ситуацијата и на запад е иста и таму луѓето и фирмите се борат“, вели Нашков.

Прашан за колкав процент се зголемените цените на производите во споредба со лани, Нашков додава дека грубата процена би била дека процентот изнесува околу 30. Тој посочи дека сега кога ги договараат, цените на нив ставаат и знак прашалник, односно со напомена доколку се промени ситуацијата на пазарот со струја, цената на изработениот производ е подложен и на корекција.

Најзастапени групи производи во извозот од текстилната индустрија се: женски блузи, кошули и кошули-блузи, машки кошули од памук, панталони, работни комбинезони, машки јакни и џемпери и слично. Според податоците од Државниот завод за статистика, текстилната и кожарската индустрија во 2021 година остварила извоз од 476 милиони евра што е 6,87 отсто од вкупниот извоз, а додека увозот изнесува 598 милиони евра или 6,2 отсто од вкупниот увоз во земјава. Близу 92 отсто од македонскиот текстил се извезува во земјите членки на Европската Унија, во САД и во соседните земји. Според остварениот извоз за 2021 година, најзначајни партнери на Македонија се Германија со извоз од околу 300 милиони евра или 65,2 отсто од вкупно реализираниот извоз на текстил.

Билјана Пеева-Ѓуриќ, Стопанската комора на Северна Македонија: Само 4 отсто од домашните компании се извозни

Според анализите на Комората, во земјата има помалку од 3.000 постојни извозни компании што е околу 4 отсто од активните деловни субјекти во националната економија, анализира Билјана Пеева-Ѓуриќ, оперативен директор за претставување на членките и вмрежување во Стопанската комора на Северна Македонија

– Од аспект на бројот на производи, со вредност поголема од 500.000 евра извезуваме помалку од 500 производи или 10 отсто (од можни повеќе од 5.200 производи кои се предмет на меѓународна трговија) од кои најголем дел се базични метали, примарни земјоделски производи, производи од текстил и облека што ја потврдува констатацијата дека извезуваме производи со низок степен на финализација и ниско ниво на додадена вредност. Од аспект на извозните пазари на кои се пласираат македонски производи, извозот во Германија надминува 46 отсто од вкупниот извоз на земјата, додека првите 5 извозни пазари имаат 64 отсто релативно учество во вкупниот извоз, при што, нашата земја извезува со вредност поголема од 1 милион евра во само 58 земји во светот – вели Пеева-Ѓуриќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот