
Театарска премиера на претставата „Иванов“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска на сцената во МНТ
Најнова претстава на сцената на Македонскиот народен театар е „Иванов“ по текст на А.П. Чехов во режија на Зоја Бузалковска, а премиерната изведба е на 26 мај 2023 година.
Препорачано
Драмата „Иванов“ е првото поставено дело на Антон Павлович Чехов (1860-1904) во театар и ја доставил како драма во четири чина, која ја напишал за десет дена. Премиерно е изведена на 19 ноември 1887 година, во театарот на Фјодор Корш во Москва. Заради реакциите на публиката, Чехов направил и втора верзија на текстот различна од онаа првата. Изменетата верзија на драмата е прифатена во Санкт Петербург, каде што се изведува во 1889 година.
Чехов се смета за еден од најголемите руски, но и светски драматичари. Започнува како автор на хуморески, продолжува со кратки раскази и новели, а останува запомнет како раскажувач, романописец и драмски писател, претставник на правецот натурализам, истакнуваат од МНТ.
Во Македонија Чехов за првпат е поставен во 1950 година, во Театарот на народностите – Турскиот театар, каде што таа година се поставени драмите „Мечка“ и „Просидба“. Оттогаш, низ годините, на различни сцени се поставени сите негови драми.
Во НУ Македонски народен театар досега се изведени: „Галеб“ во 1960 година, во 1990 година и во 2018 година, во режија на Димитар Ќостаров, па Бранко Ставрев и последната на Нина Николиќ; „Три сестри“ во 1970 година, во режија на Илија Милчин; „Вишновата градина“ во 1997 и 2010 година, во режија на Трајче Ѓорѓиев, односно Љубиша Георгиевски; „Малиот човек“ во 2004 година, во режија на Нино Леви, и „Вујко Вања“ во 2015 година, во режија на Зоја Бузалковска.
Новата поставка на драмата „Иванов“, всушност, е втора поставка на истоимената драма во Македонскиот народен театар. Првата премиерно е прикажана на 25 октомври 1984 година, во режија на Бранко Ставрев, а сега со текстот „Иванов“ работи режисерката Зоја Бузалковска.
– Нашиот „Иванов“ зборува за судбината на интелектуалецот во ова време-невреме. За немоќта да се справи со простотилакот на општеството, со вулгаризацијата на сите заложби за враќање на вистинските вредности. Тоа е претстава за човек подјаден од едно општество на медиокритети, самозадоволни, самобендисани, просечни и потпросечни, богати, влијателни личности, чија единствена опсесија во животот се евтината забава, трачот, високата мода, форсирање на естрадата и непрепознавање на квалитетот, но кои го диктираат општиот однос, точка на гледање, „читање“ на „вредносните“ системи. Општество каде што просторот за оној кој има капацитет и потенцијал е максимално стеснет, до степен на задушување. Претставата зборува и за лихварството и материјалното ропство, за маргините и за мејнстримот, за општеството без идеали и за бесперспективноста на човековите напори да создава и да менува – посочува Зоја Бузалковска во својата драматуршко-режисерска белешка.

Преводот на делото од руски јазик е на Драгица Најческа, адаптацијата и режијата се на Зоја Бузалковска, додека извршен продуцент е Виктор Рубен. На сценографијата работат Илина Ангеловска, Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, композитор на музиката е Давид Ангелевски, додека инструктор за техника на качување и движење на карпа и обезбедување со јаже е Александар Зарапчиев.
Во претставата играат Благој Веселинов, Драгана Костадиновска, Оливер Митковски, Ѓорѓи Јолевски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Григор Јовановски, Нина Деан, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Мартин Ѓоргоски, Николина Кујача, Ивица Димитријевиќ, Синан Ракиповски и Енис Билаловиќ. Инспициент на претставата е Никола Кимовски.