
Така не се решава спорот со Бугарија
Овде секој ја чита пораката како што му одговара. Бугарите ќе речат „одлично, конечно признаваат дека треба да направат чекор“. Дел од јавноста ќе каже „ете, почнаа да попуштаат“. А Мицкоски ќе мора да објаснува дека ништо не признал, дека само „се бараат решенија во рамките на достоинството“.
Некои работи во оваа земја се повторуваат со таква прецизност што би можеле да станат дел од календарот. Пролетта носи полен, есента магла, а секоја изборна година – изјави за „одлучност“ и „јасна волја“ да се реши спорот со Бугарија.
Препорачано
Овојпат таа реченица повторно се роди од устата на Орхан Муртезани, министер за европски прашања, како некој што носи вести од иднината – само што таа иднина никако не сака да пристигне.
Орхан Муртезани гордо рече дека премиерот Мицкоски и Владата „имаат јасна волја“ по изборите да преземат конкретни чекори за решавање на проблемот со Софија. Звучи добро на хартија. Но во реалноста, тоа е како да најавуваш дека ќе се качиш на Монт Еверест, а дома си во влечки и пиеш чај од маточина.
Зборот „одлучност“ е прекрасен кога нема последици. Кај нас, тоа е речиси национален спорт. Имаме одлучност за сè – да ги решиме меѓуетничките односи, да ги зголемиме платите, да ги отвориме поглавјата, да се справиме со корупцијата… само да не дојде моментот кога треба нешто навистина да се направи. Тогаш одлучноста мистериозно исчезнува.
Мицкоски сега се наоѓа во ситуација кога му треба не само одлучност, туку и оркестар што свири со него. А тој оркестар е државата – со сите нејзини институции, јавноста, опозицијата, соседите, па дури и со оние внатре, во неговата партија, кои уште живеат во минатото и се колнат во „непокор“.
Ако зборуваме искрено, не може Мицкоски сам да ги придвижи работите. Ниту е можно, ниту е паметно. Прво, затоа што и да сака, нема да му дозволат. И Брисел, и Софија, и домашната публика, сите имаат свои очекувања. Второ, затоа што во секој потег околу Бугарија се преплетуваат три теми што ниеден политичар не сака да ги отвори истовремено: историја, идентитет и избори. Тоа е рецепт за политичко самоубиство.
Во ваков контекст, изјавата на Муртезани звучи како дипломатска „порака во шише“ пуштена во море со надеж дека некој ќе ја најде и ќе ја сфати правилно. Но ние не живееме на Карибите, туку на Балканот. Овде секој ја чита пораката како што му одговара.
Бугарите ќе речат „одлично, конечно признаваат дека треба да направат чекор“. Дел од јавноста ќе каже „ете, почнаа да попуштаат“. А Мицкоски ќе мора да објаснува дека ништо не признал, дека само „се бараат решенија во рамките на достоинството“.
Она што е интересно кај Мицкоски е што тој сака да изгледа како човек кој „не се плаши“ да носи тешки одлуки. Само што, за да ја носиш тежината, мора некој да ја дели со тебе. А неговата влада сè уште личи на коалиција од недоверливи сојузници што ја гледаат Европа како здодевна обврска, не како цел. Дури и неговата партија има крило, кое, сигурен сум, дека ќе излезе на улица веднаш штом некој ќе изусти „промена во преговарачката рамка“.
Да не се лажеме – спорот со Бугарија нема да се реши со декларации. Нема да се реши ниту со избор на „помеко“ слово во некоја преговарачка комисија. Ќе се реши дури тогаш кога ќе постои политичка зрелост од двете страни, а нашата „страна“ допрва треба да зрее. Мицкоски можеби ќе го потпише договорот, но ако јавноста не е подготвена, ќе стане жртва на сопствениот потпис.
Затоа, вистинскиот предизвик не е во тоа дали Мицкоски ќе има храброст, туку дали ќе има поддршка. Дали ќе може да го убеди народот дека приближувањето со Бугарија не е капитулација, туку еден чекор поблиску до Европа. А за тоа, не му треба ни Орхан, ни говори за волја. Му треба доверба. Довербата која не се добива со ветувања по избори, туку со дела пред избори.
Дотогаш ќе слушаме нови симфонии на политичка волја, нови изјави „решени сме да решиме“ и нови конференции на кои сите се насмеани, а никој не знае зошто. Во меѓувреме, оркестарот ќе продолжи да свири по свое, диригентот ќе мавта со палката, а ние ќе се правиме дека слушаме музика.
Но музика нема да има. Само ехо од стара песна што ја пееме триесет години. И сè уште не го научивме рефренот.