Таинствената владетелка на Азија пред да стане кралица, работела како стјуардеса, била генерал, па дури и телохранител на кралот

Освен јорданската кралица Ранија, во Азија постои уште една кралица која предизвикува фасцинација со својата таинственост, убавина и елеганција. Станува збор за тајландската кралица Сутида, сопруга на Маха Ваџиралонгкорн, кој владее со земјата под името Рама X.

Сутида неодамна блесна на концертот на Пласидо Доминго, одржан во рамките на Фестивалот за танц и музика во Бангкок, на кој присуствуваше со својот сопруг. Тогаш, како и секој пат досега, привлече внимание со својата убавина, но и со својпт моден израз.

47-годишната кралицата е по потекло од тајландско-кинеско семејство. Дипломирала во средното училиште „Хатјаи Витајалај Сомбункулкања“, а потоа дипломирала на Универзитетот „Асумпшн“ во Бангкок со диплома по комуникации во 1996 година.

Andrew Parsons / Zuma Press / Profimedia

Од 1993 до 1996 година, работела како стјуардеса за „ЈАЛвејс Ко., Лтд.“, подружница на „Јапан ерлајнс“. Подоцна, од 1996 до 2008 година, ја продолжила својата кариера како стјуардеса во „Тај ервејс интернешнл паблик компани лимитед“.

Воена кариера и посебно образование

Она што малкумина го знаат е дека таа има и воено образование. Во 2010 година, Сутида се приклучила на Кралските тајландски вооружени сили, започнувајќи ја својата кариера на воени позиции поврзани со кралската безбедност.

Во август 2014 година, таа била назначена за командант на гардата во палатата на тогашниот престолонаследник Ваџиралонгкорн во Генералштабот на Кралските тајландски вооружени сили, а во октомври 2016 година, меѓународните медиуми ја етикетираа како „сопруга“ на кралот, иако палатата никогаш официјално не ја потврди нивната врска.

Adirach Toumlamoon/PACIFI / Sipa Press / Profimedia

Потоа, на 1 декември 2016 година, таа беше назначена за командант на Единицата за специјални операции на Кралската безбедносна команда и беше унапредена во чин генерал. Сегашниот чин го достигна по само шест години служба. За време на нејзината воена кариера, таа успешно заврши неколку курсеви, вклучувајќи обука за специјални сили, падобранци и обука за борба во џунгла.

Кралска свадба и крунисување

Официјално ѝ беше доделена кралската титула на 1 мај 2019 година, за време на свечена церемонија во резиденцијата „Амфорн Сатан“ во Бангкок, каде што беше регистриран нејзиниот брак.

Три дена подоцна, кралот Маха Ваџиралонгкорн Фра Ваџираклаочаојухуа љубезно ѝ ја додели титулата: Нејзино височество Сутида Баџрасудабималалакшана, кралица на Тајланд. Крунисувањето се одржа од 4 до 6 мај 2019 година во Бангкок.

SOPA Images Limited / Alamy / Profimedia

Сутида е четвртата сопруга на кралот Ваџиралонгкорн, и интересно е што по шест години воена служба, таа стана негов телохранител, а потоа и кралица.

Кралски должности

Нејзината улога е симболична и оперативна: таа се појавува на официјални церемонии, извршува воени и церемонијални должности и учествува во традиционални кралски настани.

Кралицата на Тајланд има дискретен и енигматичен профил. Нејзината убавина и ориентален стил, со облека типична за таа земја, која секогаш ја надополнува со пунџа и фасцинантен накит, придонесоа Западот да почне да се интересира за неа.

Нејзиниот уникатен животен пат – од стјуардеса преку генерал, телохранител, па потоа кралица – ја прави една од најфасцинантните фигури на современото азиско кралско семејство, а нејзината елеганција и грациозност се споредуваат со оние на кралицата Ранија од Јордан.

PPE / Sipa Press / Profimedia

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот