Светската програма за храна ги запира испораките на залихи во северниот дел на Газа

Уништените висококатници во Газа - Фотографија Profimedia

Светската програма за храна ја прекина испораката на залихи во северниот дел на Газа, велејќи дека хуманитарните конвои претрпеле „целосен хаос и насилство поради падот на граѓанскиот поредок“.

Агенцијата вели дека одлуката не била донесена лесно и дека екипите се соочиле со толпи, пукотници и грабежи.

Додаваат дека овие најнови извештаи се доказ за „нагло лизгање кон глад и болести“.

Израелската војска им нареди на 1,1 милион палестински цивили да ги евакуираат сите области на северот од земјата и да бараат засолниште на југ на почетокот на нејзината копнена офанзива во октомври.

Областа за евакуација го опфаќаше градот Газа – кој пред војната беше најгусто населената област на територијата.

Повеќето жители ја следеа израелската наредба, но неколку стотици илјади избраа да останат или не беа во можност да побегнат бидејќи израелските трупи го опколија регионот и потоа во голема мера ја презедоа контролата врз упориштата на Хамас таму.

Минатиот месец агенцијата на ОН за палестински бегалци, УНРВА, рече дека најмалку 300.000 луѓе кои останале во северниот дел на Газа зависат од нејзината помош за нивниот опстанок.

 

Испораките на помош на северот беа ретки и зависни од безбедносните дозволи од израелската војска.

Овој викенд од Светската програма за храна изразија надеж дека ќе започне еднонеделна испорака, испраќајќи по 10 камиони секој ден за да помогне во „запирање на бранот глад и очај“.

Но, во неделата, додека конвојот се приближуваше кон контролен пункт на пат кон север, тој беше „опкружен со толпи гладни луѓе“ , а потоа при влегувањето во градот Газа се соочи со пукотници, „висока тензија и експлозивен гнев“.

Дополнително, неколку камиони кои се движеле меѓу јужниот град Кан Јунис и централниот град Деир ал Балах биле ограбени, а возачот бил претепан.

Жителите на Газа преживуваат од добиточна храна и ориз додека залихите им се намалуваат.

ВИДЕО | Андоновиќ: Израелската војска се движи кон граница со Египет, oбјавен е датумот на нападот врз Рафах

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот