ВИДЕО | Андоновиќ: Израелската војска се движи кон граница со Египет, oбјавен е датумот на нападот врз Рафах

Израелската влада за прв пат од почетокот на копнената офанзива одреди прецизен датум кога би можел да испрати војници во палестински град на границата со Египет, Рафах, каде што се засолнети повеќе од милион палестински цивили, забележува Би-би-си.

Израелскиот министер Бени Ганц му даде рок на палестинскиот Хамас до 10 март да ги ослободи сите израелски заложници, заканувајќи се со офанзива врз градот.

„Светот мора да знае, лидерите на Хамас мора да знаат – ако нашите заложници не се вратат дома до Рамазан, борбите ќе продолжат насекаде, вклучително и во областа Рафах“, рече Ганц.

Оваа година Рамазан, светиот месец на постот во муслиманскиот свет, започнува на 10 март, забележува Би-би-си.

Детали за планот не се познати, но спомнувањето на Египет од страна на министерот Ганц ги поттикна шпекулациите дека Израел очекува некои Палестинци да се обидат да побараат засолниште на египетската страна од границата, иако тамошните власти поставуваат голема ограда и имаат распоредено голем број на војници да ја обезбедат граница.

Но, засега израелските власти сè уште не објавуваат детали за планот за евакуација, остануваат точно три недели до почетокот на Рамазан, а бегалците сè уште се во Рафах, јавува Би-би-си.

И покрај меѓународниот притисок, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави копнен напад врз Рафах, кој треба да ги елиминира членовите на Хамас.

По упадот на Хамас на израелска територија во кој загинаа 1.200 луѓе, израелските вооружени сили го нападнаа Појасот Газа. Досега во израелските воени операции се убиени повеќе од 28.400 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 68.000 се ранети, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Египет подготвува област долж границата со Газа што може да се користи за сместување на Палестинците доколку израелската офанзива поттикне егзодус преку границата, ги пренесува Ројтерс изјавите на добро упатени извори, опишувајќи ја можноста како резервен план на Каиро.

Египет, кој негира какви било подготовки во оваа насока, постојано предупредуваше на можноста израелската офанзива на Газа да резултира со раселување на Палестинците на Синај, што Каиро го смета за целосно неприфатливо. Слични предупредувања издадоа и други арапски земји, вклучително и Јордан. САД постојано го повторија своето противење на какво било раселување на Палестинците од Газа.

Властите во Египет барем засега се оптимисти дека преговорите за прекин на огнот би можеле да вродат со плод за да се избегне споменатото сценарио, но сепак ја подготвува областа долж границата како привремена мерка на претпазливост. Египетските медиуми повикувајќи се на Безбедносните сили тврдат дека Египет почнал да ја подготвува пустинската област Синај со некои основни капацитети за сместување на Палестинците, нагласувајќи дека ова е чисто резервен план.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот