
Светот денеска се прости од папата Франциск: Ова се неговите најважни изјави кои често предизвикуваа бурни реакции
Папата Франциск денеска почина на 88-годишна возраст, соопшти Ватикан. Со неговата смрт, католичкиот свет загуби духовен водач кој со своите постапки често ги менуваше воспоставените правила и ја приближуваше Црквата до луѓето на маргините на општеството.
Препорачано
Од самиот почеток, папата Франциск беше познат по својата отвореност за глобалните социјални прашања, сиромаштијата, миграцијата, екологијата и малцинските права. Неговите пораки често предизвикуваа големи реакции, како во Црквата, така и во светот.
Ова се дел од неговите најважни изјави кои го одбележаа неговиот понтификат, пишува „Индекс“.
„Ако некој е геј и го бара Господа и има добра волја, кој сум јас да судам?“
(Во 2013 година, од повратниот лет од Бразил – изјава која стана симбол на промената на пристапот на Црквата кон ЛГБТ луѓето.)
„Бог ги сака сите свои деца, такви какви што се.“
(Во 2023 година, во интервју за „Асошиетед прес“, кога тој повтори дека хомосексуалноста „не е кривично дело“ и повика на укинување на кривичните закони против ЛГБТ луѓето во светот.)
„Хомосексуалците имаат право да бидат во семејство. Тие се Божји деца и имаат право на семејство.“
(Во 2020 година, документарен филм Франческо. Оваа изјава привлече големо внимание бидејќи беше првпат папата јавно да поддржи правна заштита за истополовите заедници, велејќи дека треба да има законско решение за нивната заедница.)
„Мигрантите не се закана за нашите култури, обичаи и вредности. Тие се луѓе кои бараат мир.“
(Во 2019 година, говор во Ватикан по повод Светскиот ден на мигрантите и бегалците.)
„Мигрантите денес се симбол на сите оние кои се отфрлени од општеството.“
(Во 2018 година, миса во базиликата Свети Петар, каде што предупреди дека мигрантите премногу често стануваат жртви на рамнодушност и омраза.)
„Ги охрабрувам сите верници на Католичката црква да не подлегнуваат на наративи кои дискриминираат и предизвикуваат непотребно страдање на нашите браќа и сестри мигранти и бегалци.“
(Во февруари 2025 година, во отворено писмо до американските католички бискупи, тој ја критикуваше политиката на американскиот претседател Доналд Трамп кон мигрантите.)
„Оваа економија убива. Не може да се толерира да се троши храна додека луѓето гладуваат.“
(Во 2013, апостолски поттик Evangelii Gaudium.)
„Постојат три основни права на секој човек: земја, дом и работа.“
(Во 2014, говор на средба со општествените движења.)
„Корупцијата смрди.“
(Во 2014 година, говор во Неапол, за широко распространетата корупција во Италија и во светот.)
„Војната е секогаш пораз. Војната никогаш не е решение.“
(Во 2022 година, осуда на инвазијата на Украина.)
„Војната е пораз на политиката и човештвото.“
(Во 2022 година, по избувнувањето на војната во Украина. Тој ја повтори оваа реченица во неколку наврати, додавајќи дека војната ја покажува „немоќта на човекот да бара дијалог“.)